Јавноста треба да ја знае реалноста, многу лесно да излегуваме со флоскули во кои ќе велиме дека имаме политичка поддршка, но другите држави одат и добиваат поддршка во пракса, ние не, изјави за Телма, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека проблемот е што Заев не ја заврши ни домашната задача, а на маса ги стави да преговара за јазик, Гоце Делчев, дали во Струмица и Петрич се разговара ист јазик и Куманово дали било ослободено или администрирано од бугарската војска во Втората светска војна.

– Не очекувам дека ни во јуни, ни додека е Заев на власт, Македонија ќе отпочне преговори со Европската Унија заради надворешни фактори, но и заради внатрешни фактори. Бугарија успеа да ја позиционира Европската Унија на тој начин да биде „или прифатете се што бара Бугарија, или нема преговори“ и тоа е проблем затоа што истиот го немавме пред 2017 година. Заев тврдеше дека само да ги потпишеме договорите и нема проблем, а сега договорите се камен во чевелот на македонските граѓани на патот кон ЕУ, рече Андоновски.
Андоновски нагласи дека разочарувањето кај македонските граѓани за Европската Унија е многу големо затоа што имавме големи ветуваа. Владата на Заев дојде со став дека веднаш ќе не внесат во ЕУ, но не само што не не внесоа, туку и владата на СДСМ не постави црвени линии, а ниту прифати тие да се изгласаат во Собрание.
– Во Македонското Собрание СДСМ не прифати да имаме национален став по клучните прашања за идентитет и јазик, додека во Бугарија таква декларација беше донесена со огромно мнозинство и затоа не очекувам дека оваа техничка влада во Бугарија ќе оти спроти таа национална платформа, потенцира Андоновски.