Македонија нема законска регулатива која ги охрабрува „бизнис ангелите“ да инвестираат ниту, пак, ги попречува. Затоа треба да изработи соодветна регулатива која ќе ги поттикне да инвестираат во стартап компаниите и да ги поддржат младите претприемачи кои имаат добри идеи, но немаат можност да дојдат до капитал да ги реализираат.
Ова е една од клучните пораки на Форумот за афирмација на потребата од институционално регулирање на финансирање преку моделот „Бизнис ангели“ што денеска се одржа во Стопанската комора на Македонија.
Министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија, Зоран Шапуриќ најави дека во земјава ќе се формира Работна група која ќе биде задолжена за изработка на неопходната регулатива за биснис ангелите.
– На иницијатива на претседателот на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Бајбарас Алтунташ, Владата на Република Македонија пред два месеца ги започна активностите за испитување на можностите за измена на постоечката, како и за донесување на нова регулатива за овозможување на полесен пристап за инвестирње преку формата на бизнис ангели, рече Шапуриќ.
Тој посочи дека сите свои активности поврзани со инвестирање Владата ги прави во соработка со бизнис секторот.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев порача дека Владата е исклучително поддржувачки настроена кон сите иницијативи во стопанството, а особено спрема претприемаштвото.
– Сепак во Македонија постои една празнина, а тоа е празнината за младите талентирани луѓе со идеи кои немаат финасиски средства да ги спроведат своите идеи. Се надевам дека една ваква иницијатива како што се бизнис ангелите може да ја пополни, бидејќи многу идеи во нашата држава се пропаднати заради неможноста да најдат извор на финасирање, рече Анѓушев.
Во денешно време, посочи, главна е идејата, а капиталот го имаат банките кои мора да бидат конзервативни.
– Но идејата може да ја финасираат и луѓе кои имаат капитал, доволно доблест и знаење да препознаат добра идеја и да ја поддржат и за тоа на почеток да не бараат никаква гаранција, а токму тоа е идејата на бизнис ангелите преку кои во светот годишно се инвестираат на 50 милијарди долари, а во Македонија скоро и да не постои, рече Анѓушев и додаде дека се надева дека во иднина со воведување на законска регулатива во земјава ќе почне инвестирање преку бизнис ангели.
Претседателот на МАНУ Таки Фити истакна дека инвестирањето преку бизнис ангелите кај нас воопшто не е развиено иако, како што рече, има огромни предности за финасирање на малите бизниси и стартапите, но и за големите компании. Според него, неопходно е да се едуцира јавноста за бизнис ангелите и менаџирањето со ризичен капитал.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, пак, посочи дека сите компании во земјава треба да имаат еднаков третман и додаде дека малите компании имаат потежок пристап до финансиски средства. Нагласи дека мора да се работи на развој на бизнис ангелите, стартапите и малите компании и да се заокружи процесот заради дизерфикација на ризикот и заради трендовите кои владеат во светот.
– Имаме 4,6 милијарди депонирани средства на граѓаните во нашите банки и уште 1,2 милијарди од фирмите. Треба да најдеме начин некако да ги ставиме во функција, а не да лежат за камати. Треба да направиме амбиент да дојдеме до најдобрите решенија за што постои согласност и во Владата, рече Азески.
Претседателот на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Алтунташ истакна дека денеска имал плоден разговор со премиерот Зоран Заев и додаде дека тој прифатил да има свое обраќање на нивниот конгрес што ќе се одржи во Истанбул.
– Денешните претприемачи имаат голем проблем, а тоа е пристапот до пари. Тие имаат потреба од поголеми финасиски ресурси за да ги спроведат своите бизнис идеи. За тоа им се достапни многу фондови и банки, но единствено бизнис ангелите се оние кои нудат повеќе пари, менторство и искуство. Сите други вложуваат само пари меѓутоа бизнис ангелите вложуваат многу повеќе за да бидат конкурентни во денешните стопанства и економии, рече Алтунташ.
Тој посочи дека македонската влада направи многу иновативен чекор со одлуката да ги поддржи „поддржувачите на претприемачите“ кои, како што потенцира, всушност се бизнис ангелите кои нудат повеќе финасии.
– На тој начин Владата се обидува да ги преобрати јавните пари во паметни пари кои се многу важни, бидејќи доколку не се вклучи знаењето, менторството и вмрежувањето претприемачите можат да го трошат нивното време и финасиските ресурси на јавноста, посочи Атунташ.
Дури 96 отсто од светскиот бизнис е резултат на претприемничко однесување, а 90 отсто од вложувањата во рана фаза со ризичен капитал се реализираат преку бизнис ангелите.