Предадена и стегната во обрач од аскер и башибозук, четата на војводата Веле Марков, на денешен ден во 1902 година, водела тешка борба во селото Ракитница, кое се наоѓа на синорот меѓу Демир Хисар и Крушево.
Во борбата загинал војводата и шест комити од неговата чета.
Војводата Марков, кој го имал комитскиот псевдоним Милтон, останал во најсветло помнење кај народот, а е уште една жртва на предавствата.
Имено, според некои извори, Стојан Толев Чаде од Ракитница, во 1902 година на османските власти накодошил неколку соселани како припадници на револуционерната организација во Крушевско. Како награда за овој чин, Черкезот од Ново Село, Јонуз ага, кај кого Стојан работел како момок, го наградил со нива во синорот на село Ракитница и ѕевгар волови, а од власта бил награден со 50 турски лири.
На 9 јуни четата на Веле Марков влегла во Ракитница за да го казни предавникот Стојан Толев Чаде. Запоседнале и го чекале предавникот Чаде, кој доцна вечерта се вратил од Ново Село во Ракитница. Стражарите кои го демнеле неговото враќање, веднаш го известиле војводата Марков, кој заедно со селскиот револуционерен комитет донесол одлука казната над предавникот да се изврши утредента, пред сите селани, како што било договорено.
Предавникот успеал да побегне
Војводата Марков му наложил на Гроздан Георгиев Пејкоски, утредента да ги собере средсело сите селани. Гроздан го одбил тоа велелејќи дека е презафатен во работата на Анкетната комисија. Изненаден и револтиран од ставот на Гроздан Георгиев, Веле Марков им рекол на другите членови на селскиот комитет еден од нив утредента да го стори тоа. Потоа наредил да се блокира куќата на предавникот, како тој во текот на ноќта не би го напуштил селото.
Но, предавникот Стојан Толев успеал да избега уште пред да биде блокирана неговата куќа. Точно не може да се утврди дали податоците за четата – нејзиниот состав и распоред тој ги добил од својата сестра Невена Сиркоска, мажена за Цветан Силјанов Сиркоски, брат на началникот на селскиот револуционерен комитет или пак од Гроздан Георгиев кој подоцна во 1904 година бил ликвидиран како предавник.
Во секој случај предавникот им ги пренесол податоците на властите, односно стигнал до Јонуз ага во Ново Село, кој веднаш го известил мудурот во Прибилци, а овој пак гарнизонот во Битола.
Четата била нападната и сардисана од 500 османлиски војници во Ракитница. Всушност тоа биле Черкезите од Ново Село, аскерот и башибозукот од Прибилци и касарната во Стара Растојца. Во тешката и нерамна борба, не предавајќи се до крај и бодрејќи ги своите комити со зборовите „ако нема слобода, има смрт, но чесна и храбра“, паднал погоден војводата Веле Марков.
Помош од Јордан Пиперката
Задоцнетата помош на четата на војводата Јордан Пиперката и на крушевската милиција не можела да ја измени ситуацијата, а последиците што ги почуствувале и месните жители и крушевчани, биле мошне тешки. Кај народот оставил болен впечаток грозоморниот акт на османлиите кои им ги пресекле главите на војводата Веле Марков и на неговите четници Тирчо Карев и Ѓорѓи Кошинчето и ги носеле за показ да го заплашуваат разбунтуваното население.
Различни извори даваат различни податоци за бројот на четата на Веле Марков. Според билансот на загинатите, заробените и спасените, заедно со војводата може да се утврди дека оваа чета броела 15-тина комити: Веле Марков (Милтон) од Селце – војвода, Ѓурчин Наумов-Пљакот, од Сланско – заменик, Методија Стојчев (Шилер) од Крушево, секретар, Марко Хр. Алексовски (Мирче) од демирхисраско Сопотница, Тирчо Карев, од Крушево, четен бајрактар, Ѓорѓија Христов, од демирхисраско Света (познат како Ѓорѓија Рало Скршениот), Стојан Иванов Јошевски, од демирхисраско Жван, Христо Тасев, од Воѓани (познат како Ристо Воѓанчето), Ѓорѓи Кошинчето, од Кошино, Петко Иванов, од Крушево, Томо Крстев Дојчинов, од Крушево, Мирче Котев, од Крушево, Даме Новев, од Крушево, Павле Костов, од Крушево и Иван Боримечката од Крушево.
Исто така, според разни извори, има различни датуми, дури и месеци за денот кога четата на војводата Веле Марков била нападната и во која тој загинал, но најверодостојниот е 11 јуни 1902 година.
Оваа битка била една од неколкуте инциденти во предилинденскиот период во тој регион на Македонија кои придонеле подоцна да се омасови Илинденското востание.
Близок со Васил Главинов
Веле (Велко) Марков е македонски револуционер, социјалист, член на ТМОРО и војвода. Роден е во крушевското село Селце на 12 февруари 1870 година во тогашната Отоманска империја.
Во 1892 година заминал да работи како ѕидар и столар во Софија, каде се зближил со Васил Главинов, а по враќањето во Македонија бил еден од основачите на социјалистички кружок во Крушево и со другите социјалисти стапиле во ТМОРО. Во 1900 година во Битола основал социјалистички кружок, а во почетокот на 1901 година влегува во четата на војводата Никола Русински, а потоа станал крушевски војвода.
Претходно Марков го основал столарскиот синдикат и во 1895 година со Главинов ја основале Македонската социјалистичка група, во која членувале Никола Петров – Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и други печалбари и револуционери
Во 1899 година Веле Марков се враќа во Македонија и заедно со Никола Карев ја формираат социјалистичката група во Крушево. Подоцна се населил во Битола каде работел како столар. И во градот на конзулите формирал социјалистички кружок, а на 2 јуни 1900 година организира социјалистичка конференција во Крушевско, на која се решава социјалистичките групи да стапат во Македонската револуционерна организација.
Во март 1901 година влегува во четата на Никола Русински, а по заминувањето на Русински за Прилепско, од 29 август истата година е крушевски војвода. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствувале Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други. Како војвода, Веле успеа да ги организира селата од малата Крушевска нахија.
Анкетна комисија за Али ефенди
Во овој период граѓаните на Крушево се жалат против Али ефенди, кој осрамотил малолетно девојче. Но, од Битола испратената Анкетна комисија, кон која се приклучил и Али ефенди, ја започнала анкетата со малтретирање врз луѓето кои се жалеле.
Во врска со борбата кај Ракитница интересен е и овој податок:
Четата која била сардисана од многу поброен аскер и башибозук водела целодневна борба и согледувајќи дека нема да успеат да го пробијат обрачот, за да не падне во турски раце, комитата Тирчо Карев се обидел да се самоубие со пресекување на грлото. Откако не успел ги молел своите другари да го убијат.
Османлиската војска имала многу повеќе загинати, меѓу кои и крушевскиот зулумџија Јунус. Наследникот на Марков како крушевски војвода, Ѓурчин Наумов – Пљакот и уште тројца четници успеле да ја пробијат турската блокада.
Османлиите продолжиле со уште поголем терор: Убиле шест селани во Ракитница и ги малтретирале и ограбиле, а за да го заплашат народот им ги отсекле главите на Веле Марков, Тирчо Карев и Георги Кошинчето.
(Подготвил: Д.Г.)