Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини спроти утрешниот премиерен натпревар против Австрија им посака успешен настап на македонските фудбалери на ЕУРО 2020, порачувајќи им да уживаат во секој момент од историскиот пласман на континенталниот собир.
– Како Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) сигурни сме дека фудбалерите и на натпреварите од Европското првенство ќе дадат сè од себе за да го вивнат македонскиот фудбал во нови височини и одново да покажат дека припаѓаме меѓу најдобрите во Европа. А, ние ќе бидеме заедно со нив и заедно со многубројните фанови и целокупната јавност од срце ќе ги бодриме, порача Сејдини.
Тој изрази надеж македонските фудбалери со своите игри и залагање ќе и донесат на нацијата нови радосни моменти.
– Ние сме мала држава, но имаме големи соништа. Столе, Ристе, Дамјан, Висар, Егзон, Кире, Стефан, Дарко, Ѓоко, Езџан, Енис, Аријан, Бобан, Стефан, Елиф, Тихо, Даниел, Марјан, Ферхан, Дарко, Горан, Иван, Милан, Аце, Крсте, Влатко … уживајте, давајте се од себе, па што биде, порача во своето обраќање претседателот на ФФМ.
Македонската фудбалска репрезентација ги одбројува последните часови пред дебитантскиот настап на Европските првенства и натпреварот против Австрија в недела од 18 часот на Националната арена во Букурешт.