Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија денеска потврди дека нејзиниот напад врз автобус во Јемен, во кој беа убиени 50-ина луѓе, од кои 40 деца, бил неоправдан и вети дека ќе има одговорност за офицерите што го наредиле нападот.
Нападот беше извршен на 9 август, а цел беше автобус кој се движел во близина на пазар во областа Саада. Саудијците велат дека мислеле дека во автобусот имало припадници на бунтовничкото Хути движење. Според Саудијците, борбениот авион испратен да го нападне автобусот задоцнил, поради што нападот бил извршен во момент кога автобусот бил во област полна со цивили, што предизвикало „колатерална штета“.
Саудиска Арабија и Иран веќе три и пол години водат индиректна војна во Јемен, вооружувајќи ги сунитските, односно шиитските верски групи. Саудиска Арабија предводи коалиција од сунитски држави кои и директно војуваат на страна на јеменските сунити, а нивната блокада врз шиитските делови на земјата предизвика глад и ширење на заразни болести.