Дали Ванчо Михајлов можел да го ликвидира Хитлер пред да стане приврзаник на фашизмот? Знаејќи каква моќна воено-терористичка организација била ВМРО во неговиот возач Владо Черноземски го убива српскиот крал Алекдандар Караѓорѓевиќ во Марсеј, британската разузнавачка служба, на почетокот на Втората светска војна, се обидува да стапи во контакт со структури што ги контролира Ванчо Михајлов, всушност со припадник на ВМРО кој бил спремен да изврши атентат на Хитлер.
Македонците се родени диверзанти и терористи!
– За реализирање на својот план, Британската разузнавачка служба, во 1941 година, ги ангажира сите достапни британските разузнавачи на Балканот. Притоа, во август 1940 година, на состанокот на поголем број британски агенти од повеќе служби, одржан во Истанбул, било договорено да се воспостави контакт со Македонците од Скопје, Софија и од Солун, а контактот требало да го воспостави разузнавачот со шифрирано име Д/ХГ7.
Британскиот амбасадор во Бугарија, Рендел, сметал дека е можно, одвреме-навреме, со „подмитување на некои насилни елементи од Македонците, кои се против Михајлов“, да се обезбеди нивно активно учество на британска страна. Од своја страна експертите на Форин офис имале одредена резерва кон сугестијата на Рендел „за подмитување на Македонците“, односно не можеле да бидат сигурни дали на тој начин би можеле „да ги спречат Германците да ги употребат Македонците против Југославија и Грција“. Екпертите биле многу јасни сметајќи дека и ако се прифати предлогот на Рендел, сепак не би можеле да бидат сигурни дали „поткупените Македонци би апстинирале да не работат против југословенските и грчките власти, кои се нивни природни непријатели, всушнист дали би работеле против Германците“.
Тие сметале дека во случај ако таа информација некако излезе во јавноста би имале големи проблеми во објаснувањето пред југословенската и грчката влада за британската акција за „употребата на Македонците“ – смета д-р Тодор Чепреганов, професор по историја на Факултетот за образовни науки – група историја при Универзитот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ванчо Михајлов
Ванчо Михајлов во двојна улога
Сепак, според д-р Чепреганов, Британците не можеле толку лесно да се ослободат од идејата за ангажирање на Македонците за свои цели. Секој што можел на некој нечин да организира отпор против Германците им бил неопходно потребен. Така, на 3 јануари 1941 година, разузнавач со шифрирано име ДХ42 ја известил британската служба (СО2) дека Иван Михајлов, кој сега се наоѓа во Унгарија, стапил во контакт со него и, меѓудрото, се согласил да одреди неофицијален претставник со седиште во Лондон кој би ја известувал британската влада за македонското движење:„Претставникот, кој сега е во Женева, е образован човек, по професија адвокат, кој зборува добро англиски“. Притоа, истиот агент на британската тајна служба, информира дека неколку „Македонци во Унгарија, кои претходно целосно му било предани на Михајлов“, сега, поради „нивните симпатии спрема Германците“, ја изгубиле неговата доверба, тврдејќи дека Ванчо Михајлов е противник на „сегашната бугарска политика за давање премин на Германија во сите правци“.
– На 13 јануари 1941 година, британскиот амбасадор во Бугарија, Рендел, сугерира дека Британците „би требало да ја употребат Македонската револуционерна организација“ и дека „сега тој е многу поубеден во својата сугестија отколку претходно“. Во исто време, Министерството за надворешни работи го подготвило материјалот што требало да му се достави во Софија, во кој, меѓудругото, стоело дека користењето на „Македонците во никој случај не треба да го компромитира британското претставништво во Софија“ и дека на „Македонците не им се дава некое qуи про qуо во форма на некакво уверување во однос на нивните територијални аспирации“.
Во меѓувреме, Британците примиле итна телеграма од обавештаецот Бејли во која се нагласува „дека за успехот на мисијата на мајорот Тејлор би требало да се искористат Македонците“.
Притоа се информира дека личниот секретар на Иван Михајлов, Стефанов, „би требало да дојде во Лондон за да се дискутира за македонскиот проблем“. Единствениот проблем бил како да се изведе тоа без да се вмеша британската влада. Решението го дал Бејли, кој сметал дека е потребно, за да се избегне инволвирањето на Владата, Стефанов да биде поканет во Лондон како гостин на полската влада. Во меѓувреме, еазузнавачот, со шифрирано име А/Д 1, добил информација од Грција дека „Иван Михајлов е во Будимпешта и дека се обидува да воспостави контакт со Британците за доброволно ангажирање“, но грчкиот премиер „лично инсистирал да биде информиран дали е тоа точно, барајќи овој непомирлив непријател на Грција да се држи подалеку од неа“, подвлекува д-р Тодор Чепреганов, кој има откриено и обработено голем број документи од британските архиви.
Според британските документи, британската разузнавачка служба ја известува Владата дека, доколку Стефанов ја реализира посетата на Лондон, британската влада се става во позиција да ги наруши своите односи со грчката и југословенската влада. Поради тоа бил заземен став да се извести Бејли да не го праќа определениот разузнавач за Софија и да не презема никаква акција пред пристигањето на мајорот Тејлор во Истанбул. Истовремено, обавештаецот А/Д 1 се интересирал колку Форин офис е заинтересиран за неговиот предлог да се воспостави контакт со „Македонците и, ако се согласат со тоа, врз кои основи“ да се воспостави контактот.
Тоа, од своја страна, подразбирало Форин офис да испрати телеграма до Рендал, со која би го информирале до каде се заинтересирани да се оди со планот. Исто така, сметале дека слични инструкции би требало да се испратат и до Бејли. Се разбира, разузнавачот А/Д 1 посебно потенцирал дека е многу битно да го дознае ставот на Форин офис што побрзо за оваа важна работа, бидејќи „нашите шанси да се искористат Македонците се уште се големи“.
Соработка без политички обврски
Според проф. д-р Чепреганов, преписката за ангажирањето на Иван Михајлов за започнување некаков отпор на Балканот, предизвикала интересна размена на мислења меѓу повеќето британски служби и разузнавачи. Така, на 1 февруари 1941 година, разузнавачот Д/Х2 го известува разузнавачот Д/ХY дека преку Д/ХР разбрале за чекорите што ги презема Форин офис во врска со ангажирањето на Иван Михајлов. Во тој контекст тој истакнува дека името што се споменува во преписката сигурно е „Ванчо Михајлов, бугарско-македонски терористички лидер“.
Тој истакнува дека тој „човек не е во Истанбул“, нагласувајќи дека „ниту еден член од нашата служба не треба да има ништо со овој човек и секој интерес што би произлегол како резултат на локалните контакти или обиди да се заинтересираат нашите членови за него, мора енергично да биде обесхрабрен.“
Ова тој го поткрепил со констатацијата дека во случај да биде „обелоденето дека Британците се во контакт со него на кој и да е начин, преку кој и да е канал, би била нанесена непоправлива штета на најважните политички односи, што јас ги изградив во Бугарија во изминатите четири месеци“. Тој побарал таа информација да им се достави на сите заинтересирани членови на разузнавачка служба.
– Во кореспонденцијата на аразузнавачите се спомнува и Меморандумот доставен до нив од британскиот конзул во Скопје, Томас, а во кој, меѓудругото, бил даден осврт за македонското прашање. Во Меморандумот британскиот конзул дал „јасни податоци за македонското прашање, како и целите на различните македонски групи, главните лидери, статистика за населението, религијата на територијата која е предмет на разгледување“, и слично.
Истото било потврдено и од придружното писмо на Кембел кој, меѓудругото, потенцирал дека македонското прашање, кое не било актуелно од времето на забраната за дејствување на ВМРО од страна на бугарската влада во 1934 година, повторно избило на преден план. Според него, тоа било резултат на давањето автономија на Хрватска во август 1939 година, „што од своја страна му дало нов импулс на македонското автономно движење“.
Според размислувањето на раузнавачот А/Д1, единствено важно во испратените информации било да се „потсети Форин офис дека меѓу македонските лидери има човек којшто може да биде многу корисен за СОЕ“. Оваа интервенција на разузнавачот предизвикала извесно поместување во ставовите на британските експерти. Тоа е очигледно од телеграмата што била испратена на 5 февруари 1941 година од Форин офис до Рендел. Во неа се истакнува дека е „одлучено да ги подмитиме протогеровистичките елементи, но под два услова, прво – „никому, освен на примачот, да не му се открие дека средствата за подмитување доаѓаат од страна на Владата на Нејзиното Височество“, и второ – „ да не прифатиме никакви политички обврски“.
Пронајден Македонец кој ќе го убие Хитлер!
Сепак, на 26 февруари 1941 година одделот на СОЕ, СО2, добива информација дека шефот на една бугарска фабрика за тутун, кој му бил пријател на Михајлов, открил дека Михајлов во тој момент бил во Рим каде што соработува со силите на Оската, иако тој не го сакал тоа. Фабрикантот истакнал дека би можел да го доведе Михајлов во САД, каде што би работел за британски цели.
– Пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт на 1 март 1941 година им ставило крај на британските намери да го ангажираат Иван Михајлов за организирање отпор против силите на Оската. По капитулацијата на Кралството Југославија, кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ и Владата ја напуштиле државата и заминале прво во Египет а потоа во Лондон, каде што ќе останат до крајот на војната. Истовремено, земјата морале да ја напуштат и странските разузнавачи, а меѓу нив и британските, кои се повлекле во Истанбул и Анкара од каде ги изведуваат своите активности кои се во многу помал обем.
Сé до крајот на 1941 година Велика Британија нема свој претставник на територијата на Балканот. Во меѓувреме, Иван Михајлов, по прогласувањето на Независна Држава Хрватска, со целосна поддршка од фашистичка Германија, „отседнува“ во Хрватска каде е ангажиран како советник на поглавникот на усташката држава, Анте Павелиќ. Се разбира, британските разузнавачи продолжиле да работат на подготвување тајни планови за атентат на Хитлер, а во таа насока британската СОЕ не ги одбивала ниту „слободните атентатори“.
Во таа насока, бугарските претставници во Каиро го информирале Xулиус Емери, обавештаец на СОЕ, дека можат да му понудат човек, Македонец, „активен член на една од македонските терористички групи…многу добар стрелец… кој не може да промаши лице на сто јарди со пиштол” а кој бил спремен да изврши атентат на Хитлер. Капетанот Емери стапил во конакт со Македонецот кој требало да го изврши атентот. Од разговорот со него разбрал дека основната причина поради која се решил да изврши атентат на Хитлер била во тоа што „имал рак и имал уште шест месеци живот“ па сакал „својот живот да го заврши славно“, а единствено што барал од Британците било да добие „посмртно одликување и грижа за неговата жена“ во случај Британците да ја добијат војната.
По неколкуте средби со Македонецот, капетанот Емери заклучил дека лицето е решено да го изврши атентатот. Не губејќи време Британците решиле да пристапат кон обука на Македонецот. Уште повеќе што и Советите од својата страна правеле планови за атентат на Хитлер, но и нивните дотогашни обиди завршувале без успех. Кога завршиле подготовките, атентаторот со лажен бугарски пасош бил префрлен во Лисабон, а оттаму во Швајцарија, каде извесно време поминал во исчекување, за да потоа замине за Виена каде што требало да пристигне Хитлер. По пристигнувањето во Виена, македонскиот атентатор успеал да се зближи со бугарскиот конзул и во контактите со него изразил големо восхитување за фирерот. За време на меѓусебните средби со конзулот, кога ја стекнал неговата доверба, го замолил, за време на посетата, конзулот да го претстави на Хитлер.
Меѓутоа, конзулот го информирал дека и тој самиот не знаел дали ќе има шанса да се поздрави со Хитлер, но истакнал дека се предвидува парада и во тој случај „би бил многу среќен“ ако Македонецот го удостои со неговото присуство во ложата од каде би имал добар поглед на местото каде требало да помине Хитлер. Според Емери тоа била „златна шанса“ да се реализира подготвениот атентат на Хитлер, но „човековата природа е чудна“ па наместо да се притаи и да го чека часот на извршувањето на атентатот, атентаторот ноќта пред денот кога Хитлер требало да пристигне во Виена ја поминал во ноќен бар, како последна ноќ бидејќи, според Емери, сметал дека „сигурно би бил убиен“ по извршувањето на атентатот. Во барот под дејство на алкохол атентаторот „наздравувал за неговото јунашко дело“, неоткриавајќи при тоа што била неговата херојска намера.
Во такво расположение, постојано наздравувајќи со барските девојки, од сакото му испаднале два пиштола. Девојките од барот, според Емери, сметале дека тоа „е малку чудно” што човекот во барот носи пиштоли и повикале полиција. Атентаторот бил уапсен, одведен во полиција, но притоа никој не се посомневал во неговите намери. Полицијата по испитувањето го депортирала во Бугарија од каде истиот го известил СОЕ за она што му се случило, вели д-р Чепреганов.
Черчил бара да не се дозволи формирање на самостојна и обединета Македонија!
Според разузнавачки документи, британскиот премиер Винстон Черчил, по разгорувањето на антифашистичкиот отпор на Балканот, побарал да се пристапи кон анализа на она што се случува во Македонија и да се испита можноста за испраќање обавештајци на СОЕ.
– По извршените анализи, британскиот политички врв оценил дека во однос на Македонија треба да се внимава пред се да не се дозволи остварување на идејата за јужнословенска федерација и посебно да не се дозволи реализирање на идејата за формирање самостојна и обединета Македонија. Британските воени мисии на териториите на Албанија и на Грција, кои се движеле во пограничните подрачја со Македонија, и биле сведоци на борбите на партизанските единици со Италијанците, Германците и Бугарите, барале испраќање воени мисии во Македонија, во единиците на НОВ и ПОМ, за да можат да се запознаат со сето она што се случувало на територијата на Македонија. Веста за капитулација на Италија, единиците на ГШ на НОВ и ПО на Македонија ја дочекале подготвено, односно веднаш ги запоседнале италијанските гарнизони и го презеле оружјето пред Германците, кои ги реокупирале италијанските територии во Западна Македонија и во делот на Македонија во рамките на Грција. Во новонастаната ситуација, политичките стратези во Британската обавештајна служба сфатиле дека тоа е погоден момент да испратат свои мисии на територијата на Македонија, – подвлекува проф. д-р Тодор Чепреганов, кој, истражувајќи во архивите во Британија и Америка, успеа да открие и донесе голем број документи од британски и американски извори поврзани со Македонија и македонската историја меѓу двете светски војни.