КУД „Илинден“ од Битола ќе ја претставува земјава на Шестата светска фолклоријада, која од 4 до 11 јули ќе се одржува во руската Република Башкоростан, со над 2000 учесници од 50 земји.
Ова културно-уметничко друштво постои речиси седум децении и има учествувано на многу меѓународни фестивали за фолклор. Тие денеска заминуваат за Русија, на настанот кој го организира светската организација за фолклор (CIOFF) под покровителство на УНЕСКО.
Русија е домаќин и центар на светскиот фолклор оваа година, по Холандија, Јапонија, Унгарија, Јужна Кореја и Мексико.
Борче Димитровски, потпретседател на КУД „Илинден“ од Битола, вели дека ова е најголемиот настан на кој може да се презентира фолклор и на кој се воспоставуваат контакти значајни за идна промоција на македонското културно наследство.
– Импонира фактот што организаторите имаат фантастични информации за специфичностите на она што ние го имаме како богатство, конкретно ора кои се единствени, а ќе бидеме веројатно дел и од идејата таму да се формира најдолгото оро на светот, истакна Димитровски.
По завршувањето на Фолклоријадата во Русија, во плановите на КУД „Илинден“ е музичко-сценскиот проект „Приказни од чаршијата”, кој ќе биде дел од официјалната програма на фестивалот „Локум фест“ во Битола, а кон крајот на јули традиционално со „Комитското“ ќе го отвори Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, каде ќе се претстави и со сценската адаптација „Цапарските бабари“.
Во текот на летниот период е планиран специјален настан по повод промоција на монографијата „65 години КУД ’Илинден’ Битола”, како и настап на фестивалот „Чувари на традицијата” во Вевчани. Исто така, планирани се и настапи во Крушево, Демир Хисар и Охрид.