Во Кривичниот суд Скопје, денеска требаше да продолжи судењето против членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, обвинет за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување”, во случајот за Тениско спортско здружение Љуботен Тетово. Тој на првото рочиште за овој предмет изјави дека воопшто не се чуствува виновен и посочи дека станува збор за монтирано обвинение.
Влошената здравствена состојба и отсуството на обвинетите Ајдин Нуредини и Цветко Наумовски, го одложи денешното рочиште за случајот со Тенискиот клуб Љуботен ДОО Тетово, кој според обвинителството прибавил имотна корист во вредност од 22.050.000 на штета на државата. Судијката Васка Николовска Масевска, судењето за овој случај го закажа за 6 септември.
Како застапник на обвинението во овој случај е јавната обвинителка Милица Гаврилова.
Според обвинението, Зоран Теофилоски, како одговорно лице – претседател на Тениско спортско здружение Љуботен Тетово и Цветко Наумовски како одговорно лице – управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги потикнале обвинетите Ајдин Нуредини како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џемал Абди, Имран Куртиши, Кренар Ибрахими и Идриз Реџепи со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, со умисла да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.