Д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија за дилемите околу кинеските вакцини дали се ефикасни против делта сојот, во изјава на ТВ Канал 5 објасни дека се направени на традиционален начин, и според него би требало да штитат од сите соеви на коронавирусот.
Еве што тој мисли за тоа дали кинеските или мНРА вакцините подобро штита од новите соеви на корона вирусот:
Теоретски, кинеските вакцини кои се базираат на инактивиран вирус, би требало да дадат поширока заштита од модерните вакцини кои се базираат на РНК или аденовирус технологија, бидејќи кај кинеските, целиот вирус се користи како антиген или имунизирачка супстанца.
Тоа значи дека кинеската вакцина ќе предизвика различни антитела. Факт е дека бројките, концентрацијата на антитела кои ги мериме по вакцинирање со кинеска вакцина е пониска од тие што ги предизвикуваат модерните вакцини.
Но, кинеските вакцини создаваат поширока, поразлична заштита што би требало да оди во прилог на поефикасно заштитување од различни соеви на вирусот. Бидејќи, ако модерната вакцина поттикнува создавање само на еден вид антитела, ако тој конкретен антиген биде променет кај некој од соевите, за очекување е дека ефикасноста на таа вакцина ќе биде помала. А овде, кајкинеските, каде очекуваме да се создадат повеќе различни антитела, реално би добиле подобра заштита.
Реално, во моментов, „делта“ сојот е закана за текот на пандемијата, а единственото решение што можеме да го примениме е што помасовна вакцинација. Значи можно е да се случи некаков пораст на бројките, но тоа сигурно нема да биде од размерите на она што го поминавме кога не бевме имунизирани. Сега, во најголем дел од земјите, повеќе од половина од населението е имунизирано, па тоа значи дека двојно потешко ќе биде на вирусот да се раширува. Комплетен имунитет нема да постигнеме, но да се надеваме дека ако одговирме соодветно на вакцинирање, ќе можеме да се вратиме на нормала. Да се вратиме на нормала, значи дека треба да вакцинираме уште неколу стотини илјади луѓе, во ова време кога имаме услови и добра ситуација на терен. Затоа не смееме да се опуштиме, да се концентрираме на вакцините, за на есен да немаме нови изненадувања.