ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денес ја поднесе Предлог – резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат.

-Оваа Предлог-резолуција во онаа форма во која што веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус. Цениме дека оваа Предлог-резолуција ќе ги зајакне и македонските дипломатски позиции, но исто така ќе влијае и како фактор на сплотување наместо поларизација внатре во македонското општество. Тоа што би сакал денес да го порачам и апелирам, согласно Деловникот секој пратеник има право да се придружи со свој потпис на ваква Предлог-резолуција од моментот кога таа е предложена. Јас ги повикувам пратениците на СДСМ, ЛДП, Левица, Алијанса, ДОМ, Демократски сојуз и сите други пратеници, уште од денес можат слободно да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог-резолуција за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции, за да не дозволиме блокадите и националните понижувања да ни станат предмет на преговори и „виткање на кичма“ во некој следен период, истакна денес Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се надевам дека пратениците и партиите кои што декларативно истакнаа дека ќе ја поддржат Предлог-резолуцијата таква каква што е, од денес па во следните неколку дена истата ќе ја потпишат и очекуваме претседателот на Собранието Џафери, во најскоро можно време истата да ја стави на пленарна седница за да можеме да се изјасниме, очекувајќи дека ќе имаме широк политички консензус“ – порача тој.