На селекторот на Италија, Роберто Манчини и капитенот Џорџо Киелини, им се допадна насловната страница на шкотскиот весник Национал во саботата пред нивното финале на ЕВРО 2020 со Англија.

Го претставивме  шефот на „азурите“ како Вилијам Валас во „Храбро срце“ – неговата екипа е наша последна надеж да спречиме уште 55 години (од 1966 година до денес кога Англичаните беа единствен пат светски прваци, н.з.) таков вид известување во англиските медиуми, кои привлекоа широка критика за време на турнирот (англиските медиуми постојано повторуваат It’s coming home, алудирајќи на тоа дека по пет ипол децении титулата ќе се врати таму каде, според нив, и е природното место – во Англија, што предизвикува бурни потсмешливи реакции низ светот, вклучувајќи ја и Шкотска н.з.).

Инаку, Вилијам Валас е шкотски национален херој кој се борел за независност на Шкотска од Англија. Англичаните му ја отсекле главата, а тој лик стана светски познат откако во филмот „Храбро срце“ го овековечи Мел Гибсон.

Очигледно, на Шкотланѓаните толку многу им дошло преку глава од англиската убеденост дека се најдобри на светот, што решија Манчини да го претстават како Вилијам Валас, кој за нив е тоа што нас е Гоце Делчев.

Запрашан на прес-конференција пред натпреварот за насловна страница, Манчини изјавил:

„Насловната страница на весникот е убава. Ние мора да ја играме нашата игра. Мора да одиграме одлично и тоа мора да биде единствената наша мисла. Впрочем, тоа е фудбалски натпревар”.

На Киелини исто така му се допаднала монтажата на насловната страница.

Тој рекол: „Насловната страница на Национал ме насмеа за ривалството на Шкотска со Англија. Утре ќе ни треба жешко срце, но и студена глава. Ќе мора да бидеме луцидни за да ја имаме ситуацијата под контрола. Незамисливо е да имате контрола 90 минути, ќе ни бидат потребни овие карактеристики максимално. За да го добиете финалето мора да се води сметка за секој детал“.

Насловната страница на Национал стана огромен хит во Италија, а најголемиот спортски весник во оваа земја, „Ла Газета дело Спорт“, ја публикуваше сликата на Манчини како „Храбро срце“ на нивниот блог.