Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.
Триесет и четири организации изразуваат загриженост за состојбата на Охридскиот регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа, туку најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност се директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.
– За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето и друго, се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.
Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.
– Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како процена на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации, е ставот на Фронт 21/42.
Апелот, со кој се бара впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност и осуда на свесното уништување на неговите вредности од страна на институциите, е потпишан од следниве македонски организации: Фронт 21/42, Охрид СОС, Факултет за Шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Институт за комуникациски студии, Новинари за човекови права, О2 Иницијатива, Гоу Грин Скопје, Го Сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Организација на потрошувачи Кочани, ЕД Вила Зора, Балканска Водна мрежа, Скриениот херој во секое дете, Еко-Живот Кавадарци, Рурална Коалиција, Планетум – Струмица, Грин.орг Кочани, Здрава Котлина-Струмица и Добра Земја – задруга за органска храна.
Од Албанија апелот е потпишан од: Albanian Centre for Environmental Governance – A.C.E.G, Eco Albania, UJA Center, Albanian Ornithological Society (AOS), The Resource Environmental Center Albania, Organizata ILIRIA, Tirana, Protection and Preservation of Natural Environment in Albania (PPNEA), Shoqata për Ruajtjen dhe Mbrojtjen e Mjedisit Natyror – Vlorë, „Friends of Korca“ Association, Albanian Network for Rural Development – ANRD, Qendra e Informacionit Aarhus Shkodër, Instituti për Ruajtjen e Natyrës në Shqipëri – INCA, Observator, Tirana, Cesvi, Vjosa Explorer.