Во продолжение на денешната драматична прес конференција, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски истакна:
„Ги прашувам јавно, каде се милионите и милијардите за кои водеа пропаганда против мене, со сите институции насочени против мене, со цел државен апарат фокусиран на мене. Со одврзани раце да прават што сакаат. И немаат ниту еден случај против мене, за било каква проневера или корупција, па се сведоа на тоа да ме затвораат бидејќи сум сакал покрај другите ВИП странски гости и јас понекогаш да бидам превезуван во новото возило, во време кога старото е на поправка.
Другите обвиненија против мене се исто така празни и изнасилени. На пример, во предметот за патиштата сум обвинет, како што кажа и самата обвинителка во судницата, дека сум влијаел да се изгради автопатот Охрид-Кичево со цел да добијам политички поени на следните парламентарни избори. Небаре е криминал ако политичар и премиер пред избори ги истакне своите постигнувања.
Третото обвинение е зашто е урната една класична дивоградба при што инвеститорот се жалел на сите судски инстанци и загубил.
Немаат ниту сведок, ниту некаков доказ
Четвртиот предмет е дека сум поттикнал насилство при што под насилство подразбираат протести на граѓанска иницијатива при што обвинетите осум лица кои наводно сториле насилство според приложените докази од СЈО и сведоците кои што се против нив, ниту некого повредиле, ниту нешто оштетиле, но ги товарат бидејќи советниците на СДСМ се вознемириле и добиле чувство на несигурност.
Петтиот предмет е Титаник, каде како и во претходните четири случаи, немаат ниту сведок против мене, ниту мој потпис, ниту било каков доказ за било какво кривично дело. Ме товарат бидејќи во тој период сум бил водач на партијата.
Но, ова што сега се случи во Апелациониот суд со предметот Тенк , кога бев држен цели 11 часа во судот за да се исполни ден порано добиената политичка директива, како и притисокот врз судиите кои треба да одлучуваат, политичка директива, а не правна одлука, затоа што некому му пречам и треба да бидам затворен, е дно на кое е доведено македонското судство.
Да потсетам дека тој ден судот одби да испита дали некој од судиите, како што јавно кажа Катица Јанева, бил сниман, и е уценет со телефонски разговори. Судот исто таа одби од овој предмет да биде изземена судијката Светлана Периќ, не затоа што е слаб судија, туку затоа што за некоја недела, судскиот совет кој е под контрола на СДСМ, треба да одлучува за нејзина одговорност во некој предмет за кој сите велат дека е фабрикуван, така што таа е потенцијално уценета, и не можеме да сме сигурни дека правично ќе суди.
Судијката Милева е во блиски и директни релации со СДСМ
Судот одби да ја изземе и судијката Тања Милева, не затоа што е нестручна, туку затоа што е во директни и блиски релации со СДСМ и со Зоран Заев, заради што истата сама се иззема кога требаше да се носи судска одлука за самиот Зоран Заев. Но и заради тоа што нејзиниот сопруг Игор Милев беше претставник на СДСМ во ДИК. Истиот беше кандидат за градоначалник на СДСМ во Радовиш во 2013 година, и загуби токму од партијата која јас ја предводев. Нејзиниот сопруг беше и адвокат на Заев, а денес е дефакто втор човек на царината. Независно колку е стручна или не, таков човек не може да биде непристрасен особено откако минатата година, под притисок на СДСМ, судскиот совет незаконски ја избра како судија на Апелациониот суд како трето пласирана, наместо како што секогаш било досега, тоа да биде првопласираниот.
И од овие факти е јасно дека некој се потрудил да се одберат што е можно повеќе судии кои или се потенцијално уценети и заплашени или се повеќе од должни кон власта на СДСМ.
Верувам дека кога не би постоел скриен план и политички притисок овие судии сами би се изземале и не би се доведувале во ваква ситуација. Секој в.д. претседател на суд сонува да стане претседател како што секој судија на Апелационен суд тежнее да стане судија на Врховен суд. И тоа е нормално и човечки.
Утрешната пресуда е политичка нарачка
Но се има граници. Кога до целта треба да се дојде без да се бираат средствата, тоа не може да помине без последици. И не може да стане збор за независно судство. Незаконското постапување заради унапредување или заради одбегнување казна, носи гола одговорност, порано или подоцна. Заради сето ова, јас одлучив, утре, ниту јас, нити моите адвокати, да не се појавуваме во Апелациониот суд на јавната седница. Ако судиите се толку исплашени, ако в.д. претседателката подлегнала на барањето за пресуда која е политичка нарачка, и ако толку не можат да издржат политички притисок, ете им можност да не се мачат, да не им пречиме, па и без мене, и без моите адвокати, нека донесат пресуда согласно обврската што ја презеле.
Ова посебно ако надлежните институции не извршат проверка во делот на назначување на нови судии.
Почитувани, ова се политички процеси. Ова е лудо време и, тоа ќе пројде бргу. Ќе дојде време кога народот ќе си ја врати власта во свои раце и се ова ќе се преиспита вклучувајќи го и целокупното нивно работење и одлуки. Очигледно е дека моето и присуството на моите адвокати во судницата на Апелациониот суд не може ништо да промени. Бидејќи правните аргументи не можат да ја променат политичката нарачка, ние нема да бидеме декор на таа седница на однапред политички договорена и инструирана пресуда.
Очигледно дека мене не ме суди судот, туку политиката. Се ќе помине и нема да се заборави. Секој човек, секој судија, секој професионалец, освен титулата, функцијата, остава и траг зад себе. Каков ќе биде неговиот траг зависи не само од стручноста, туку и од неговиот интегритет, чест и подготвеност за ризици. Секој кој станал судија требало да знае дека ќе има и вакви моменти, во кои ќе се формира вистинската перцепција за него. Зависно од тоа какви одлуки ќе донесе кога е под притисок, под уцена или кога политички долг кон некого.
А на нарачателите на овој срамен и нечовечки чин, сакам да им порачам:
Се лажете, вака само ќе ме направите поголем
Знам дека ви е тешко. Не е лесно во вакви времиња, кога треба да одите директно спротивно на волјата на народот, и спротивно на тоа што претходно се ветувало. Мислите дека вака ќе ме ликвидирате. Се лажете, вака само ќе ме направите поголем. А вие ќе се направите помали и поранливи. Ниту едно фабрикувано обвинение, ниту една пресуда, ниту едно незаконско ставање во затвор, нема да ги поништи или избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и народ. И бранењето на нивните интереси, на националните интереси на македонскиот народ и на сите граѓани. Колку повеќе ме плукаат, толку повеќе потсетуваат на се што јас ветував и исполнував за овој народ и за оваа држава. И за се што вие не правите или го правите спротивно на волјата на својот народ.
Оваа земја низ историјаа имала многу политички прогонувани лица. Наместо да се извлече поука од таквите срамни чинови, тие се повторуваат. Некои, не знаејќи како да излезе од кашата во која самиот влегол, верува дека со политички прогон кон мене, со притисок врз судиите, со апсење, затворање ќе го заплаши народот. Ќе му испрати порака во смисла „ете како завршуваат тие кои се борат за националните интереси и верува дека тоа ќе го натера тој народ да постапи како што тој посакува. Секој кој таа размислува, е воден од гнев, и длабоко многу греши. Народот е најенергичен токму кога ја гледа неправдата пред своите очи и кога некој сурово го силува него односно неговата волја. Благодарам.
Ако се согласев со тоа што сакаа Грците, денес ќе беше друга песна
Кога веќе сум тука, да не излезе дека одбегнувам да одговорам, дозволете да се произнесам и за објавената вест во некои медиуми дека пред повеќе од десет години јас сум го прифатил името Република Северна Македонија. Ова се јалови обиди на власта. Веројатно ќе има уште многу такви јалови обиди во текот на оваа кампања. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости и клевети. Секому му е јасно зошто сега сум во судот. И зошто пред очите на целата јавност ми се случува овој класичен политички прогон и зошто ќе продолжи оваа тортура. Ако се согласев на се што сакаа Грците ќе се согласите дека друга песна ќе беше денес. Но, јас сум човек со принципи, пред се, и со достоинство. Тоа е мојот одговор.