Поранешната министерка за култура и поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа Милевска тврди дека немала никаков притисок, ниту од нејзината партија, ниту од страна на СДСМ да гласа за уставните измени во Собранието за промена на името и дека гласала по свое убедување.
-Немало никакви преговарања. Јас имам судски предмет кој сè уште тече, воопшто не сум се договарала за самиот предмет. Одам на суд на секоја покана од судот. Лично не сум преговарала, ниту пак ми доаѓа на памет, ниту пак сум помислила да преговарам за нешто што воопшто не е прифатливо за мене. Интересите на државата секогаш ми биле на прво место, така сум функционирала и така ќе продолжам, истакна Канческа Милевска вечерва во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 Телевизија.
За денешните изречени казни за обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“, напомена дека не би сакала да коментира судска пресуда и изрази жалење што во овој процес се вклучени колеги, личности со кои соработувала во Владата, на министерско ниво. Според неа, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески имаат позитивен карактер, позитивна намера и мисла, постапки и кои посветено си ја вршеле својата функција. Додаде дека со Трајко Вељаноски имале професионална комуникација.
Прашана за тоа дека гласаше за промена на уставното име на државата во Собранието, Канческа Милевска рече дека гласала по нејзино убедување. – Да, лично сум гласала по мое убедување. Сум немала никаков притисок, ниту од мојата партија, ниту од страна на СДСМ. Лично, по мое сопствено убедување и сметав дека конечно сите треба да се издигнеме над партиските ставови кога станува збор за интересите на државата и кога се одлучува за стратешките приоритети на државата, рече Канческа Милевска.
Според неа, Христијан Мицкоски е легитимно избран претседатаел на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека како делегат на партијата гласала за него на конгрес.
Таа посочи дека проектот „Скопје 2014“ не се однесува само на неа и потсети на капиталните градби, како стариот театар, Музејот на македонската борба, концертната сала за Филхармонија, Спомен-куќата на Тоше Проески и Спомен-куќата на Мајка Тереза. Парите, како што нагласи, се знае за што се отидени, делата се гледаат, функционираат. Канческа Милевска смета дека МНТ не се распаѓа и според нејзините информации, како што рече, не се води грижа и не се управува со објектот.
Во однос на тоа дека Охридскиот регион го задржа статусот во УНЕСКО, Канческа Милевска појасни дека Плаошник во извештајот никогаш не бил проблем и сега не е. Плаошник, како што рече, е идентитетот на државата и тој треба да продолжи, да се заврши, да се промовира и да се отвори. Според неа, проблемите се поради урбанизација и таму мора да има сериозен и интегриран пристап. Тоа значи да се вклучат сите чинители и работите да се завршат од страна на градоначлниците на Охрид, Струга, Дебрца, а Министерството за култура да координира.