Бугарскиот Парламент денеска ќе гласа за одлука за излез од комплицираната ситуација со номинацијата на Пламен Николов за премиер во име на партијата победничка на последните парламернтарни избори – „Има таков народ“ и доделениот мандат од претседателот Румен Радев, а кој се повлече од номинацијата од лични причини, јавува дописникот на МИА од Софија.

Одлуката е донесена по два последователни совети на координаторите на пратеничките групи во 46. Народно собрание.

Како прва точка, бугарскиот Парламент ќе гласа за одлуката со која „мандатот за формирање влада од најголемата партија „Има таков народ“ е неуспешен“. Според уставната процедура, втората по големина партија, ГЕРБ, треба да добие мандат за формирање влада. Нејзиниот лидер, Бојко Борисов, најави дека ќе го земат мандатот и ќе го предложат заменик -претседателот на партијата Даниел Митов за премиер, а потоа веднаш ќе го вратат до претседателот Румен Радев.

Повеќето лидери на другите парламентарни партии, со исклучок на ГЕРБ и ДПС, се надеваат дека претседателот Румен Радев мандатот ќе и го предаде на БСП или „Застани БГ. Доаѓаме“ и тие да формираат влада што ќе работи до мај 2022 година, кога би се одржале нови парламентарни избори.

Христо Иванов од „Демократска Бугарија“ рече дека нема да го поддржат БСП да го добие третиот мандат, со што станува јасно дека би сакале да биде предаден на „Стани БГ. Доаѓаме“. Пред Народното собрание стои важна задача за тоа кога да се закажаат претседателските избори. Според законите во Бугарија, претседателот на земјата може да го распушти Националното собрание доколку има уште три месеци пред нивното одржување. Локалните набљудувачи не ја исклучуваат можноста за предвремени парламентарни и редовни претседателски избори во Бугарија на крајот на октомври.