Руските власти до тој степен ја загрозија слободата на мирно собирање што сега стана речиси невозможно да се протестира во Русија на кој било мирен начин, предупреди денеска Амнести интернешнл.

„Властите во Русија до толку го прекршија правото на слобода на мирно собирање, користејќи зголемен број ограничувачки закони, со рестриктивни полициски тактики и кривично гонење за да ги замолчат мирните несогласувања“, се наведува во соопштението на групата за човекови права пред парламентарните избори закажани за септември.

Извештајот, насловен „Нема место за протести“, го документира задушувањето на мирните протести, што според Амнести почнаа уште во 2004 година со Законот за федерално собирање, а таквата практкса се интензивираше во последните години.

-Руските власти со години го ограничуваат правото на слобода на собирање со неверојатна упорност и инвентивност, рече Олег Козловски, истражувач на организацијата во Русија.

„Како резултат на тоа, мирните улични протести во очите на државните службеници станаа злосторство и во исто време херојски чин за оние Руси кои се уште веруваат во правото на протест“, се наведува во извештајот.

“Нелегалните рестрикции, барања и остри санкции со кои се соочуваат руските демонстранти, во вивната апсурдност може да се опишат само како кафкијански. На руските власти им беа потребни 16 години и 13 случаи на парламентарно мешање во законодавството за правото на слободно мирно собирање да го лишат од какво било значење“, додаде Козловски.

Во извештајот, исто така, се опишува тоа што Козловски го нарекува прекумерна употреба на полициска сила, која, наводно, е документирана, „користејќи техники на боречки вештини против демонстрантите, немилосрдно тепање со палки и, почнувајќи од оваа година, зашеметување со електрични шокови“.