Поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска, која ja предводи листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври, денеска заедно со кандидатите за советници проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески ја претставија својата платформа со која од утре ќе собираат потписи. На листата на иницијативата се видни активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спорт, култура и други области кои се жители на ова општина.
„Во 2017 ни ветија работа на средување на урбаниот хаос и промена на незаконските детални урбанистички планови од 2012. Четири години подоцна, истите планови се на сила, а ветувањето што го даваа кога требаше да ги добијат гласовите на жителите на Центар, остана само ветување“, велат од „Шанса за Центар“, што произлезе од поврзувањето на граѓанската иницијатива „Здравје пред профит“ со повеќе жители на Центар, кои сакаат да го спречат натамошното уништување и да се вложат за подобрување на животот во Општината.
Од Иницијативата веруваат дека на овие локални избори граѓаните имаат шанса да ги земат работите во свои раце, за да се да се подобри животната средина, а Центар да стане почиста и модерна општина со повисоки стандарди на урбаното живеење во 21 век, наместо да биде само градежна зона и централен паркинг на Скопје.
„Ќе инсистираме идните планови да не се изработуваат зад затворени врати и во интерес на само малкумина. Плановите мора да бидат резултат на анализи, по мерка на жителите и со приоритет на заедничкиот пред личниот интерес. Тие мора да се спроведуваат правично и законски, еднакво за сите, без ‘попусти’ за никого. Пристапот кон информации за секој план и секоја дозвола не смее да биде загрозен. Преку Советот на Општината имаме шанса да влијаеме за одржливо решение за финансирање на нашата општина, различно од сегашното каде главен извор на пари се приходите од градењето на згради или продажба на земјиште за градење.“, велат од „Шанса за Скопје“.