Кога ќе видите како пи-ар машините на СДСМ ќе почнат да ве навредуваат и да велат дека зборувате лаги, а самите потврдуваат сѐ што сте кажале, знаете дека сте им влегле во траг. Вчера јавно информирав за мега скандалот кој му се случува на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Планот да се срушат тениските терени, картинг-центарот и терасата на базенот, заедно со дополнителната урбана опрема е откриен и обелоденет, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Петре Шилегов, со регулацискиот план кој го донел за овој дел од Скопје, сака да уништи имот вреден повеќе милиони евра кој е во сопственост на Република Македонија и е даден на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за спорт и рекреација. Според информациите од архитектите улицата која Шилегов планира да ја гради е со енормен профил односно со ширина од 20м исто како и повеќето булевари во Скопје. Како што призна и Шилегов во своето соопштение, со лага дека сега можеби нема да ја градат, улицата се планира да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10000 метри квадратни корисна површина која се употребува за спорт. Се уништуваат терените, урбаната опрема, картинг-центарот и терасата на базенот. Со планот, Шилегов се обидува да направи и пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот кој сега станува простор за домување, а намената на арената и базенот од „Борис Трајковски“ кои стануваат деловни објекти. Очигледен е планот со огромните згради и улици, наместо спорт во Скопје да добиеме нова бетонска џунгла. Наместо веќе постоечки објекти за спорт и рекреација ќе имаме бетонски тврдини кои ќе го уништат овој дел на Карпош и Скопје. Наместо терени за тенис, ќе има паркинг за зградите кои му се од интерес на Петре Шилегов. Се уништува спортско добро, за бизнис партнерите на фамилијата на власт да добијат улица и паркинг до нивните огромни згради. Заради бизнис интереси, Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев сакаат да го уништат најголемиот спортски храм во Македонија, вели Андоновски.

Тој додава дека заради бизнис партнерите на фамилијата на власт, Шилегов има за цел да изгради огромни згради во непосредна близина на спортскиот центар, а деловите од центарот да му служат само како сервисен пристап.

-Преку 500 дечиња ќе останат без спорт. Тренерите ќе останат без терени за работа. Автомобилистите без картинг-центар. Сите ние Скопјани ќе останеме без најубавите спомени од базенот и терасата, без тенисот и без картингот во Борис Трајковски нема да има спорт. Затоа и денес повикуваме на будност. Општина Карпош во ек на одмори, среде август и пред избори, закажа јавна презентација и јавен увид мислејќи дека ова ќе помине незабележано од скопјани. Дека на мала врата ќе успеат да протнат бетонизација на Борис Трајковски. Затоа, утре во петок во 13 часот, да појдеме во општина Карпош и да го спречиме донесувањето на овој план со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје. Ваков ДУП не смее да се донесе за Карпош! Според информациите, на социјалните мрежи започна петиција од неформалното движење за заштита на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ која ќе биде доставена до сите надлежни. Ве повикувам масовно да ја потпишеме! Нема да можат уште долго да се кријат зад партиските соопштенија. Во октомври на изборите ќе имаме шанса да ги казниме овие бетонски политики. А потоа одговорност и за Петре Шилегов и за Стефан Богоев, додава Андоновски.