Паника и страв владее меѓу авганистанските новинари, особено новинарките, соопшти Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), истакнувајќи дека добиле стотици барања за помош од медиумските работници на терен.
„Увидот на ИФЈ во ситуацијата на терен и бројните барања за итна помош покажуваат дека има паника и страв во авганистанската медиумска заедница“, предупреди меѓународната организација, која отвори специјална сметка за да им помогне на засегнатите.
– Добивме стотици барања за помош – или за евакуација или за помош на оние што бегаат од една авганистанска провинција во друга поради закани, рече Џереми Дар, заменик генерален секретар на ИФЈ.
Повеќето новинари кои се обидуваат да ја напуштат земјата се жени, додава службеникот задолжен за координација на работата на ИФЈ во Авганистан.
На терен, „новинарките беа спречени да работат, некои весници мораа да се затворат“, рече тој. Оние што се обидуваат да ја завршат својата работа го прават тоа „под закана и се многу ограничени во известувањето“.
И покрај „пропагандата дека талибанците нема да се одмаздуваат, извештаите зборуваат дека новинарите и многумина од нив се изложени на закани, додаде официјалниот претставник.
Дојче веле соопшти дека талибанците се во потрага по нивна новинарка, која сега е во Германија, но претходно, во средата, убиле член на нејзиното семејство, а друг тешко го повредиле.