Маските повторно ќе бидат задолжителни на отворено во Орегон, соопшти гувернерката на таа американска сојузна држава, во услови кога САД се борат со зголемување на случаи на Ковид-19.

Со одредбата, која стапува во сила во петок, северозападната држава ќе биде првата во САД што повторно ќе воведе правило што беше вообичаено во најтешките денови на пандемијата.

– Делта варијантата се шири брзо и далекусежно, затоа нашата земја е на ниво на криза без преседан во пандемијата, рече гувернерката Кејт Браун.

– Бројот на заразени и хоспитализирани е на рекордно високо ниво, рече таа. Истражувањето од 2019 година покажа дека Орегон е меѓу сојузните држави со најмал број болнички кревети по глава на жител во земјата.

– Се покажа дека маските се ефикасни во намалувањето на бројот на заразени, и во моментов тоа е неопходна мерка дури и на отворено, за да се помогне во борбата против коронавирусот и да се заштитиме едни со други, додаде Браун.

Правилата значат дека секој – вакциниран и невакциниран – мора да носи маска на секое јавно место каде што се мешаат луѓе од различни домаќинства.