Косовската претседателка Вјоса Османи денеска имаше телефонски разговор со потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, на која ѝ се заблагодари за новата донација од над 500 илјади вакцини и воедно ја покани да го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи, како што се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет, им се заблагодари на САД и претседателот Џо Бајден за донацијата и оцени дека тоа „уште еднаш го потврди цврстото пријателство меѓу двете земји и претставува најчист доказ за непрекинатата американска поддршка“ за Косово.
– Претседателката Османи ѝ го изрази вечното признание на косовскиот народ на потпретседателката Харис за постојаната поддршка од САД и повторно нагласи дека САД остануваат главен стратешки партнер на нашата земја во процесот на консолидација на државноста, се вели во соопштението.
Харис, наведе кабинетот на Османи, „нагласи дека САД се длабоко благодарни на Косово за тесната соработка и изразената готовност и великодушност со пруженото гостопримство на илјадници авганистански граѓани“.
Косовските медиуми денеска ја пренесоа информацијата на Радио Слободна Европа дека во текот на викендов во Косово, според официјални извори од Белата куќа, ќе пристигне американска донација од 503.100 вакцини од производителот „Фајзер“.