Вакцинираните во Грција со поделено мислење за Договорот од Преспа, а меѓу невакцинираните, седум од десет го оценуваат негативно решението меѓу двете земји, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од „About people“ за грчкиот информативен портал „Њуз24/7“, во кое се анализира профилот на вакцинираните и невакцинираните, преку нивните ставови за актуелни теми, јави дописничката на МИА од Атина.
Во анкетата, испитаниците одговараат на низа прашања поврзани со пандемијата, вакцината, Европската унија, претседателите на САД и Русија, како и Договорот од Преспа, а се прави и дополнителна анализа на одговорите врз основа на тоа дали учесниците во истражувањето се вакцинирани или не.
На прашањето „Кое е вашето мислење за Договорот од Преспа?“, четири од десет анкетирани (40,7 отсто) одговориле „позитивно“ (23 проценти) или „веројатно позитивно“ (17,7 отсто), додека пак повеќе од половина (51,2 проценти) дале негативна оценка, односно 36,6 проценти изразиле „негативно“ мислење, а 14,6 проценти „веројатно негативно“.
Меѓу вакцинираните, преовладува позитивното мислење (46,3 отсто), но со само 0,8 проценти повеќе од оние кои имаат негативен став (45,5 отсто).
Од невакцинираните испитаници, како што пренесува МИА, позитивен став за Договорот од Преспа изразиле само 20,1 проценти, наспроти седум од десет, односно 71,5 отсто кои имаат негативно мислење.
За Европската Унија, позитивен став имаат 53,7 отсто, а негативен 42,5 проценти, додека пак позитивно мислење имаат шест од десет вакцинирани и само 28 проценти од невакцинираните.
Резултатите покажуваат дека претседателот на САД Џо Бајден е популарен кај вакцинираните, а рускиот претседател Владимир Путин кај невакцинираните.
Поконкретно, позитивно мислење за Бајден има 59,7 отсто од вакцинираните и само 19,7 проценти од невакцинираните.
Од друга страна, за Путин, позитивен став изразиле 61 отсто од невакцинираните и 33,5 проценти од вакцинираните.
Во однос на Ковид-19, седум од десет анкетирани изразиле страв од пандемијата и 78,4 отсто од оние кои се вакцинирале. Од невакцинираните, 70 отсто одговориле дека не се плашат.
Очекувано, мнозинството од невакцинираните, односно над 90 проценти, не се согласува ниту со задолжителната вакцинација за одредени категории, ниту со најавените мерки што ќе важат само за невакцинираните.
На прашањето зошто не се вакцинирале, 41 отсто одговориле дека „се уште не постојат доволно податоци за веројатни несакани дејства“.
Истражувањето на јавното мислење спроведено од „About people“ за информативниот портал „Њуз24/7“ било спроведено на 29 и 30 август 2021 година, а преку електронски интервју биле анкетирани 864 лица со право на глас.