Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север завчера откриле 11 фалсификувани негативни ПЦР тестови приложени од македонски државјани на ГП Табановце и ГП Меѓународен аеродром Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
При проверка на ПЦР тестови приложени од македонски државјани на Граничниот премин Табановце биле откриени девет фалсификувани негативни ПЦР тестови, додека на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје биле откриени два фалсификувани тестови.
– Со сите 11 лица бил извршен разговор, при што појасниле дека тестовите ги набавиле од посредници за сума од 1000 до 2000 денари, информираат од МВР, посочувајќи дека против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од Грција вчера пристигна веста дека мерките, кои од следната недела стапуваат во сила, кои пред сè се за невакцнираните, освен за Грците, ќе важат и за посетителите на земјата.
Поконкретно, како што веќе објави МИА, влезот во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале Ковид-19.