Откако Државната изборна комисија (ДИК) го утврди редоследот на учесниците на локалните избори на гласачкото ливче, најдоцна до четврток (23 септември) на полноќ треба да биде објавена Единствената листа на кандидати.

Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден вчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со Ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции и за првпат на овие избори има голем дел независни кандидати.

Во Роковникот на ДИК предвидени се и термини до кога можат да настане промена на утврдената листа на кандидати во случај доколку некој почине од кандидатите за советници или градоначалник.

Во тек се и останатите подготовки за претстојните локални избори.

За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог“ се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.

Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври.

Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, согласно Роковникот на ДИК, треба да биде заклучен во петок, на 24 септември, а една недела подоцна, на 1 октомври да биде потпишан.

И додека во ДИК течат подготовките за претстојните избори, од понеделник партиите ја почнуваат изборната кампања која ќе трае до 15 октомври. Во овој период тие пред граѓаните ќе ја претстават својата изборна програма за следните четири години.

Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Поради Ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и оние кои се во самоизолација.