Нема да се откажеме од инвестирањето во енергетските капацитети надвор од државата затоа што тие се важни за нашето стопанство, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
Одговарајќи на новинарско прашање дали државата ќе се откаже од инвестирањето во интерконекторот по најавите од Косово дека размислува во таа насока, Битиќи рече дека нема колебање од македонска страна за ова.
– Со Косово зборуваме за интерконектор. Косово досега никогаш нема кажано дека би инвестирал во терминалот во Александропулос. Ние како земја сметаме дека мораме денес, а не утре, да го направиме исчекорот за да му овоможиме на стопанството да биде поконкурентно. Носењето и диверзификацијата на гасот значи за стопанството поголема конкурентност и можност за раст и затоа во овој дел нема колебање. Сметам дека е за поздравување исчекорот што го направивме како државата за првпат да инвестираме во енергетски капацитети надвор од државата. Градењето на интерконекторот и на гасоводната мрежа е претходник на она што не чека следните 30 години, рече Битиќи по промоцијата на проектот Cinderela во кругот на компанијата „Макстил“.
Битиќи вели дека државата би немала никаква загуба од оваа инвестиција доколку Косово се откаже од интерконекторот.
– Загуба може да има кога ќе инвестирате 100, а ќе добиете нула. Ние ќе инвестираме 10, а добиваме 100. Можеби, потенцијално би добиле 95, но секако сме во добивка, рече Битиќи.