Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот, со што завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021.
Најголемата статистичка операција по 20 години во земјава траеше 26 дена, од 5 септември до денеска.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.
Официјалните резултати од пописот ДЗС треба да ги објави најдоцна за шест месеци, односно до крајот на март 2022 година.
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на Ковид-19, согласно нова методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Бројките од пописот детално ќе бидат соопштени вечерва од страна на Државниот завод за статистика. Јас сум задоволен што успеавме да ја реализираме оваа операција и покрај сите проблеми со кои се соочивме. Бројката на попишани граѓани е околу 1,9 милиони, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.