Македонската фудбалска репрезентација вечер од 20:45 часот е домаќин на Германија во натпревар од 8. коло Ј-група во квалификациите за Светското првенство 2022.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски најавуваат голема борбеност и обид за ново изненадување против силниот противник кој веќе еднаш беше совладан во овој циклус.
Капитенот Стефан Ристовски на официјалната прес-конференција во пресрет на мечот побара дисциплинирана игра.
-Германија е врвот на светскиот фудбал и треба да се одговори со тактичка и физичка дисциплина. Гигант како Германија не простува грешки, ти дава многу малку и тоа мора да се искористи. Тие за мене се најголемата репрезентација на светот. Спортски е да се надеваш на успех, но секој меч, секој ден е нешто ново. Како искусен играч мора да кажам дека мора да се искористи сè што ќе ни се пружи, рече Ристовски.
Натпреварот ќе се игра на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје.
На другите две средби од ова коло играат: Романија – Ерменија и Исланд – Лихтенштајн.