Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска учествуваше на редовниот октомвриски состанок на Советот за надворешни работи, што се одржа во Луксембург, соопшти прес -центарот на бугарското Министерство за надворешни работи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ги информираше министрите за најновите случувања на Западен Балкан, а особено за ситуацијата во северно Косово и Босна и Херцеговина.

Шефот на бугарската дипломатија истакна дека новите судири меѓу полицијата и српското население во Косовска Митровица уште еднаш ја покажаа исклучително напнатата ситуација во регионот. Затоа, според него, пораките на ЕУ до земјите од регионот мора да бидат избалансирани и да ги земат предвид сите можни последици.

-Секое насилство, без оглед од која страна доаѓа, е целосно неприфатливо и мора да се осуди, рече Стоев.

Друга тема на агендата на состанокот беа односите на ЕУ со арапските држави од Советот на Заливот. Борел ги презентираше резултатите од неговите посети на Катар, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, кои ги оцени како позитивни и успешни.

Бугарија го поддржа продлабочувањето на соработката и дијалогот со земјите од Заливот, како и продолжување на редовните министерски состаноци во формат ЕУ-Совет за соработка во Заливот, што според Стоев ќе придонесе за подобрување на економските односи и заедничките интереси во регионот.

Советот на европските министри за надворешни работи, исто така, дискутираше за односите со Источното партнерство и неговите земји и претстојниот Самит на Источното партнерство во декември 2021 година.