Планот за забрзан економски раст чија цел е зголемување на економскиот раст, значително зголемување на јавните инвестиции, но и силно поттикнување на приватните инвестиции на среден рок, биле во фокусот на обраќањето на министерот за финансии Фатмир Бесими пред високи претставници на Светска банка.
Министерството за финансии денеска соопшти дека состанокот се одржал во рамки на Есенските средби на ММФ и СБ и дека официјалните високи претставници на Светска банка го поздравиле Планот за забрзан економски раст и позитивните оценки во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во изминатата година. Планот за забрзан економски раст се очекува да биде усвоен следниот период.
– Планот за забрзан економски раст ќе има клучна улога во креирање на нови работни места и поттикнување на растот на економијата во С. Македонија. Крајните цели се фокусирани на три пунктови: Зголемени инвестиции, преку овозможување поефективно користење на јавните инвестиции во износ од 4 милијарди евра во наредните пет години, со повеќекратно мобилизирање на дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор; Забрзан раст– удвојување на стапките на економски раст на среден рок на 5 проценти годишни стапки на раст, како и Обезбедување фискална консолидација – да го потпомогне намалувањето на јавниот долг под 60 проценти од БДП на земјата на среден рок, потенцирал Бесими.
Планот предвидува и воспоставување на финансиски инструменти чија цел, како што посочил Бесими, е да се зголеми економскиот раст, не само преку инвестиции во јавниот сектор, туку и преку идентификување на различни начини за зголемување и охрабрување на приватниот капитал.
– Во воспоставувањето на овие инструменти е предвидено да се добие поддршка и од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), организација во рамки на Групацијата на Светска банка, велат од Министерството за финансии.
На состанокот се разговарало и за интегрираниот информациски систем за управување со финансии (IFMIS) на чие воспоставување, како што соопшти МФ, активно се работи. Тема на разговорот биле и политиките за фискална консолидација, унапредувањето на фискалната децентрализација која се очекува да придонесе за постабилно финансирање и развој на општините, како и реформата на здравствениот сектор која се спроведува со поддршка на СБ.
Бесими информирал и за воспоставениот механизам за подобрување на имплементацијата на капиталните расходи (CAPEF), којшто, како што истакнал, веќе дава добри резултати во делот на реализација на капиталните инвестиции.
– Од почетокот на годинава до 15 октомври реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 13,9 милијарди денари и е за 55,7 проценти повисока од истиот период лани, информира МФ.
На состанокот, што се одржал онлајн, присуствувале потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, извршниот директор во Светска банка, Кун Давидсе и директорот на канцеларијата на Светска банка за Македонија, Масимилијано Паолучи.