Доколку следната недела би се одржале парламентарни избори во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник, покажуваат резултатите од анкетата која ја споведе Институтот ИПИС.
Од анкетираните граѓани, 23 проценти одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека 17,6 за СДСМ.
Анкетата, информира ИПИС, е спроведена телефонски во периодот помеѓу 19 и 22 октомври 2021 на 1102 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.
Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии и политичари.
Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата. Истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија.
Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности, велат од ИПИС.