Четириесетина авиони и стотина автобуси со иселеници Албанци се очекува да пристигнат в петок и в сабота во Македонија, за на 31 октомври, во вториот круг од локалните избори, да гласаат за кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари, по третпат да биде избран за градоначалник на Кичево.
Според информации на Слободен печат од ДУИ, очекувањата се најмалку 5.000 гласа од албанската дијаспора да му помогнат на Дехари во борбата против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, кој во првиот изборен круг победи со 250 гласа предност.
– Дијаспората веќе е организирана и со авиони и автобуси од цела Европа ќе дојдат во Кичево за да му дадат поддршка на Дехари. Има најава дека и наши иселеници од САД ќе дојдат за гласањето. Дијаспората самоиницијативно се организира, не ја организира ДУИ. Очекуваме масовно да дојдат, бидејќи в понеделник е католичкиот празник Денот на сите светци, така што е неработен ден, па ќе можат да се вратат, велат од ДУИ.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ја повика дијаспората на 31 октомври да се врати дома и да го поддржи нивниот кандидат за градоначалник.
Поддршка за Дехари најави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во пакет со поддршката за Чаир, Струга и за Гостивар.