Петре Шилегов ги претстави плановите и решенијата за главниот град за наредните четири години, со кои бара нов мандат од скопјани.
– Влегуваме во последната недела во кампањата и би сакал да ги сумирам клучните ветувања, проекти и планови за градот кои во следните 4 години ќе се спроведат, а за кои интензивно зборував изминатите недели. Овие решенија кои ги понудивме јас и мојот тим се од суштинско значење за развојот на Скопје, обезбедуваат поквалитетен и поздрав живот за скопјани, создаваме град без сообраќање метеж и го решаваме проблемот со урбанизмот со носењето на новиот ГУП во 2022 година – изјави Шилегов на денешната прес-конференција.
Тој се обврза дека ќе го среди сообраќајниот метежот во градот, а вети и ефикасен јавен транспорт.
– Скопје до 2024 ќе биде град без сообраќаен метежи бидејќи ги завршуваме сите стратешки сообраќајни решенија кои 40 години биле запоставени. Со пробивање на булеварот АСНОМ и мостот Михајло Апостолски, сите кои патуваат од Аеродром до Карпош ќе го заобиколуваат центарот на градот по нова сообраќајна артерија. Со пробивање на тунелите под Лимак ја пробиваме другата артерија и сите кои патуваат од Кисела Вода и Драчево односно по јужната страна ќе го заобиколуваат центарот на градот. Со ова, ја отвораме можноста центарот да биде затворен за автомобили. Скопје добива брз, еколошки и целосно нов јавен транспорт. БРТ системот е решение кое е одобрено и веќе исфинансирано од ЕБРД, решение кое е прогласено за најеколошкиот начин и најефикасниот систем за превоз на патници од страна на Европската банка за развој. Со воведување на Бас рапид транзит системот, скопјани од Ново лисиче до Ѓорче Петров ќе стигаат за само 35 минути – посочи градоначалникот.
Тој се пофали и со еколошките резултати, потенцирајќи Скопје за само четири години го намали загадувањето од просечни 71 микрограм на метар кубен на 40 микрограми. Шилегов вети и бесплатен превоз на пензионерите, како и финансиски олеснувања за учениците и студентите. Најамбициозниот план во неговиот втор мандат, секако доколку претходно успее да триумфира на изборите в недела, ќе биде планот за деинструјализација на главниот град.
– Со новиот ГУП, ја селиме тешката индустрија надвор од градот, долг и тежок процес кој мора да го започне. Со новиот ГУП го урбанизираме северниот дел на Скопје и целосно го селиме градежниот фокус надвор од центарот на градот. Ова е клучот да го растеретиме централното градско подрачје од градежен притисок и да го развиваме градот – заклучи Шилегов.