Поранешни претседатели и премиери порачаа дека лидерите на Г20 треба да го искористат состанокот во Рим овој викенд за да се договорат за прераспределба на вишокот вакцини против Ковид-19 во земјите со ниски приходи.
Стотици поранешни шефови на влади и министри во писмо до италијанскиот премиер Марио Драги повикаа самитот на Г20 да се искористи на темата за неправедна дистрибуција на вакцини во светот.
Групата соопшти дека Соединетите Американски Држави, ЕУ, Велика Британија и Канада ќе складираат 240 милиони неискористени вакцини до крајот на месецот, а армиите на тие нации би можеле веднаш да ги пренесат во земјите каде што се потребни. До крајот на февруари би можело да се пренесат вкупно 1,1 милијарда вишок вакцини.
„Неетички е сите овие вакцини да се расипуваат кога во светот има 10.000 смртни случаи од Ковид-19 секој ден, од кои многу можеа да се избегнат“, се наведува во писмото.
Некои од потписниците се поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун, поранешниот британски премиер Гордон Браун и поранешниот бразилски претседател Фернандо Кардосо.
Потписниците наведуваат дека целта на Светската здравствена организација за вакцинирање на 40 отсто од светското население до крајот на годината може да биде исполнета само доколку Г-20 донесе заедничка одлука и нареди итен трансфер на вишокот резерви на вакцини.
„Нееднаквоста во вакцините, исто така, претставува закана за сите нас. Не сме сите безбедни додека сите не се безбедни. Без итна и широко распространета вакцинација, варијантите ќе продолжат да се појавуваат во невакцинираните региони, а оттаму може да се прошират и да ја доведат во прашање заштитата од вакцини која досега беше постигната во повеќе земји“, наведуваат потписниците.