Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски утринава донесе Решение за запирање на постапката за одобрување на три урбанистички проекти вон опфат на урбанистички план. За одлуката градоначалникот Стефковски ги информираше граѓаните преку неговата официјална страна на Фејсбук во која тој напиша:
“Реализирано уште едно ветување. Нов хемиски отпад во Општина Гази Баба нема да има!
Во изминатите неколку дена заедно со стручни лица од областа на урбанизмот и заштитата на животната средина спроведовме ревизија на постапката и содржината на три урбанистички проекти, по што утринава потпишав Решение за запирање на постапката за одобрување на три урбанистички проекти вон опфат на урбанистички план. Дадов збор за време на кампањата и денес тоа го реализирав. Заштитата на животната средина е на врвот на моите приоритети“!
Во Кисела Вода, пак, со цел да им се излезе во пресрет на сите граѓани и да се зголеми достапноста на услугите, општина воведува двосменско работење на општинската Архива.
Од понеделник, први ноември 2021 година, граѓаните кои имаат потреба да достават документација, да подигнат веќе изготвена документација и слично, тоа ќе можат да го сторат и во попладневните часови. Новото работно време на Архивата на Општина Кисела Вода ќе биде од 08:00 до 20:00 часот. Со поголемата достапност на државната администрација, се очекува да се зголеми ефикасноста и ефективноста на општината, со што таа ќе биде навистина граѓански ориентирана.
-Ова е само првиот чекор во насока на подобрувањето на работењето на Архивата. Наскоро започнуваме со процесот на целосна дигитализација на сите услуги што ги дава Архивата, а потоа и општината. Наша цел е на граѓанинот да му овозможиме од својот дом, по електронски пат да поднесува барања, да добива документи, да го следи процесот на решавање на неговиот предмет од денот на прием, па се до издавањето на конечниот документ. Дигитализацијата значи поедноставување на административните процедури и ќе им овозможи на граѓаните квалитетни, брзи и лесно достапни услуги, а Општина Кисела Вода ќе биде институција целосно во служба на своите жители, изјави градоначалникот на Општината Орце Ѓорѓиевски.