Државата нема премиер, се додека губитникот Заев не си замине од политиката Македонија ќе губи, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Народот и го зема легитимитетот на владата на СДСМ – ДУИ, Заев е детронизиран. Имаме ново мнозинство со Алијанса, Алтернатива, БЕСА и Левица за пад на Заев. Доколку Заев денес до 14:30 часот не си поднесе оставка до Собранието, пратениците од овој блок ќе поднесат интерпелација за Владата. Заев не е премиер, и колку повеќе се развлекува оставката, толку е полошо за државата. Губитникот Заев мора да си замине, за на Македонија да и тргне. Македонија не смее повеќе да губи, се вели во соопштението.
Заев оставката ја објави пред повеќе од една недела, а таа се уште не е официјализирана за да продолжи соодветната постапка во државава.
Исто така, се уште е „на рати“ и оставката на министерот за здравство Венко Филипче, за пожарот пред речиси два месеца во тетовската болница. Тогаш Заев вети дека ќе ги чека резултатите од истражителите за пожарот за да донесе одлука за оставката. Засега за пожарот е обвинет само еден продолжен кабел, а се уште се чекаат резултати од германските експерти кои дојдоа во Македонија за расќистување на причините за пожарот.