Лично сметам дека треба да има одговорност за енергетската криза, ама прво треба да се справиме со неа, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање, откако соопшти дека Владата прогласила кризна состојба во енергетскиот сектор.
-Лично сметам дека треба да има одговорност, ама првично треба да се справуваме со енергетската криза. Откако ќе се справиме со кризата, ќе седнеме и ќе разговараме и за конкретна одговорност и за тоа кој потфрлил во делот на намалување на домашното производство“, изјави Бектеши по инсистирања на новинарите за коментар во врска со работењето на „Електрани на Северна Македонија“.
Бектеши рече дека на Управниот одбор на ЕСМ му е препорачано да подготви известување до Владата за тоа како работела компанијата, со која раководи Васко Ковачевски. Извештајот треба да вклучува и податоци за работењето на подружниците, меѓу кои и РЕК „Битола“.
„Во зависност од податоците во извештајот, ќе ѝ препорачаме на УЈП да преземе соодветни мерки, ако се утврди дека не е работено според плановите што се усвоени во почеток на годината“, рече Бектеши.
Образложувајќи ја одлуката на Владата за прогласување кризна состојба, Бектеши рече дека операторот на преносниот систем МЕПСО АД изготви извештај за процената на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот
квартал на оваа година. Според доставениот извештај, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија проценила дека постои ризик од настанување кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија.
-Ваквата проценка на ризици се темели на намалените капацитети на домашното производство, но и поради зголемените цени на светските пазари. Владата во моментов е фокусирана на успешно справување со предизвиците настанати
од глобалната енергетска криза. За остварување на таа цел, вклучени се раководствата на компании од енергетскиот сектор и владини институции. Нашата најголема заложба е да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите да се обезбеди најповолната цена на електричната енергија“, рече Бектеши.