По повеќе од еден час продолжи, па по само неколку минуити беше прекината собраниската седница за гласање доверба на Владата. Овој пат Димитар Апасиев од Левица побара, повикувајќи се на член на Деловникот, претседателот на Собранието Талат Џафери да дојде во салата и да ја води седницата бидејќи не е спречен за тоа. Потпретседателот на Собранието Фадил Зендели по ова даде уште еден час пауза.
Апасиев рече дека неговото обраќање е во врска со член 60 и 61 од Деловникот за работа на Собранието.
-Согласно овој член став 1 алинеа 2 претседателот на Собранието ги свикува седниците и претседава со нив, и тоа е ставено како право и должност на претседателот. Додека во делот на членот 61 вели дека потпретседателите, тоа сте вие и господинот Мисовски, кој е отстутен му помогаат на претседателот на Собранието и вршат други работи од неговиот делокруг. Ставот 3 вели дека Во случај на спреченост или отсуство на претседателот на Собранието го заменува еден од потпретседателите според однапред утврден редослед при што ќе се води сметка за подеднакво вклучување на потпретседателите, рече пратеникот на Левица.
Според него, Деловникот познава две ситуации тоа е спреченост и отсуство на претседателот.
-Ние видовме дека претседателот Џафери ниту е спречен ниту е отсутен односно тој е присутен во зградава па согласно тоа барам еден час пауза да дојде претседателот и да ја води оваа седница бидејќи не се исполнети деловничките услови тој да отсуствува од истата, рече Апасиев.
Претходно, пауза имаше на барање на заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска откако стана јасно дека опозицијата нема кворум за официјално отпочнувње на седницата и мнозинство за изгласување недоверба бидејќи Кастриот Реџепи од Беса, иако потпишан на иницијатвата, не дојде на седницата.
Во меѓувреме во Собранието пристигнаа и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и на Беса Билал Касами.
Мицкоски пристигна во Собранието
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пристигна во Собранието, каде денеска почна седницата, на чиј дневен ред е гласањето недоверба на Владата.
Мицкоски пред медиумите не сакаше да ги коментира последните случувања во законодавниот дом, каде седницата на која треба да се расправа и да се гласа за Иницијативата за доверба на Владата не може официјално да биде отворена и да биде изгласан дневниот ред, бидејќи нема кворум откако беше констатирано дека во салата нема доволен број пратеници.
Пратениците од владејачките партии СДСМ и ДУИ не присуствуваа во салата, а без нив и без Кастриот Реџепи од Беса, кој најави дека нема да учествува на собраниската седница, опозициските пратеници заедно со уште двајцата пратеници од Беса се 60.
Мицкоски информира дека досега бил на часови на факултет и оти на лице место ќе ја дознае вистината за тоа што се случило.
На прашање од ТВ 21 дали ќе се најде друг пратеник на местото на Кастриот Реџепи „кој се премисли“, Мицкоски само го спореди пратеникот со Амди Бајрам. – За современиот, нека му е лесна земја, Амди Бајрам, рече тој.
Аријанит Хоџа: Борбата продолжува, секој ќе одговара за своите постапки
Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми, дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата, објави секретарот на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, на својот фејсбук профил.
– Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај се, Движењето БЕСА ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото!, пишува Хоџа и додава дека секој поединечно ќе одговара за своите постапки, додека Движењето БЕСА „продолжува со политичкото патување“.
Тој уште посочува дека соработката на опозицијата со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.
За кворум на пленарна седница потребни се 61 пратеник
Седницата на која треба да се расправа и да се гласа за Иницијативата за доверба на Владата не може официјално да биде отворена и да биде изгласан дневниот ред, бидејќи нема кворум откако беше констатирано дека во салата нема доволен број пратеници. Пратениците од владејачките партии СДСМ и ДУИ не присуствуваа во салата, а без нив и без Кастриот Реџепи од Беса кој најави дека нема да учествува на собраниската седница, опозициските пратеници заедно со уште двајцата пратеници од Беса се 60.
Според членот 95 од парламентарниот Деловник, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 61. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
Деловникот предвидува дека координатор или заменик координатор на пратеничка група во текот на денот може само еднаш да побара прекин на седницата во траење од еден час. Исто така, предвидено е и дека претседателот на Собранието може да ја прекине седницата по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група ,заради доставување на стенографски белешки од обраќање или образложение на предлагачот, дадено на почетокот на претресот по одделна точка од дневниот ред.
Собраниската седница за недоверба на Владата прекината поради немање кворум
Седницата за прашањето за доверба на Владата е повторно прекината за еден час на барање на заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.
Покренувачите на Иницијативата, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Левица и Беса го немаат потребното мнозинство за гласање недоверба на Владата, откако стана јасно дека пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не присуствува на седницата иако е потпишан на иницијативата.
Реџепи ова го потврди на Фејсбук статус посочувајќи, меѓу другото, дека одлучил да не присуствува на седницата „имајќи ја предвид актуелната политичка состојба по оставката на премиерот Заев и заради процесот и силните пораки од стратешките партнери – САД и ЕУ, кои ми се соопштени од висок дипломатски претставник дека во месец декември државата има големи можности да добие датум за преговори со ЕУ“.
Претседавањето со седницата го презеде потпретседателот на Собранието Фадил Зендели кој доаѓа од Беса и е еден од потписниците на Иницијативата. По самиот почеток, седницата ја напушти претседателот на Собранието Талат Џафери, а на неа не присуствуваат ниту пратениците на СДСМ и ДУИ. Во салата при првото пребројување имаше 61 пратеник, но со напуштањето на Џафери сега има само 60. За кворум се потребни најмалку 61 пратеник.
Како ќе продолжи седницата и дали ќе дојде до гласање останува да се види во текот на денот.
Почна собраниската седница, во салата има 60 пратеници, СДСМ и ДУИ не присуствуваат
Во Собранието почна седницата на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата присуствуваат 61 пратеник, но претседателот на Собранието Талат Џафери ја напушти седницата бидејќи не ја поддржува иницијативата и го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да ја води седницата по што даде десет минути пауза.
На седницата присуствуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Меѓу нив се и двајца пратеници кои се изолација поради Ковид-19, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелика Петкова.
На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ и од ДУИ.
Присутен е и премиерот Зоран Заев и другите членови на Владата.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.
На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Двајцата ковид-позитивни пратеници во скафандери пристигнаа во Собранието
Двајцата пратеници од ВМРО –ДПМНЕ кои се позитивни на Ковид-19, облечени во скафандери пристигнаа во Собранието, за да присуствуваат на денешната собраниска седница на која треба да се гласа за недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев.
Станува збор за пратеникот Никола Мицевски, кој е и координатор на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, како и за пратеничка Ангелика Петкова