Дванаесеттата Меѓународна школа за млади лидери на поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов почна синоќа. На неа учествуваат четириесет учесници и петнаесет предавачи од земјава и од странство.
Како што денеска соопшти неговиот Кабинет, годинашната школа на тема „Лидерство во акција“ ќе трае до 27 ноември и ќе се одржува во комбинирано издание, онлајн и со две сесии со присуство во живо, едната во Скопје и втората сесија на свечено затворање во Охрид.
– Претседателот Иванов ја отвори 12-та Школа за млади лидери и на почетокот истакна зошто генералната тема на овогодинешната школа е „Лидерство во акција“, надоврзувајќи се на минатогодишната тема „Лидерство во услови на глобални кризи“, се наведува во соопштението.
Во своето обраќање, тој зборувал за глобалните светски процеси и предизвици од политички аспект, аспект на екологијата, бизнисот, енергетиката, пандемијата со ковид. Нагласил и дека секоја цивилизација не е уништена од други, туку самата себе се уништува.
– Уништена е природата, намалени се природните ресурси, но сепак ова е период во кој мора да се најде сила и да се наоѓаат нови креативни решенија, кои ќе одговорат на предизвиците, рекол Иванов, кој пред учесниците говорел и за тоа дека највозвишена слобода на еден народ е кога ќе ја создаде својата држава, а улогата на државата е да создаде нација, додека улогата на нацијата е да ја чува државата за чие опстојување неопходни се национални институции.
Иванов дал свои видувања за развојот на градовите, индустријата и нивното прилагодување на потребите на светската популација во наредните 10 години. Се осврнал и на тоа дека сѐ повеќе жени во периодот на 20-тиот век се образувале и затоа и сѐ повеќе, особено во оваа деценија, тие ќе заземаат клучни менаџерски, раководни и лидерски позиции. Говорел и за сѐ поактуелнoто прашање поврзано со екологијата, како и за можните енергетски предизвици. Оценил дека за сите овие актуелни состојби на кризи и големи промени, потребно е повторно враќање на моралното лидерство со луѓе кои ќе имаат цел да ја вратат надежта за благосостојба.
На свеченото отворање на Школата, покрај Иванов, порака до учесниците упатил и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, кој рекол дека со задоволство ја прифатил поканата од Иванов бидејќи и двајцата го споделуваат уверувањето дека денешната младина има потенцијал за иднината и дека треба да се препознае и поттикне тој потенцијал. Нагласил дека денес сѐ појасна станува потребата од силно и визионерско лидерство. На младите учесници, како можни идни лидери, им порачал дека деновите на нивното лидерство ќе дојдат побрзо од тоа што тие очекуваат. Истакнал дека се соочуваме со тежок момент во историјата и дека климатската криза, зголемените нееднаквости и масовното раселување ги предизвикуваат лидерите на утрешнината да бидат жестоки и имагинативни.
На утрешната сесија, како што додаваат од Кабинетот на Иванов, ќе се обрати претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој ќе одржи предавање за учесниците на генералната тема „Лидерство во акција“.
Меѓу предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери се Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на „ТАВ аеродроми“; Рза Алијев, Менаџер за развој и имплементација на политики, стратегија и одржливост во компанијата Бритиш Петролеум и член на Бордот на World Monuments Fund; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; Ендру Пејкоф, Претседавач на компанијата Niagara Bottling LLC; Јордан Битов, Ко-сопственик и издавач, Torstar Corporation, и основач и ко-сопственик на Nordstar Corporation; Елизабет Наумовски, Заменик претседател за маркетинг во компанијата Caldwell Securities Ltd. и добитник на повеќе награди како застапник за финансиска писменост; Џери Наумоф, Претседавач на Бордот на компанијата Taskforce; Методија Колоски, Ко-основач и Претседател на Обединета Македонска дијаспора; Зоран Костовски, Директор на компанијата за деловна едукација, менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“; Хозе Антонио Моралес, Извршен директор на компанијата Lincoln Iceland Company LLC.
Школата за млади лидери е иницијатива на Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 11 обуки на кои учествуваа околу 440 млади луѓе од земјата и од странство, предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од земјава, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.