Со полн капацитет работи базната станица, воспоставена во Амбасадата на Република Македонија во Берн, Швајцарска Конфедерација, преку која над 400 наши државјани се стекнаа со нови биометриски патни исправи, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Според амбасадорот Кенан Рамадани, со скратената постапка од шест на еден месец, се решил најголемиот предизвик со кој се соочиле нашите државјани во Швајцарија и вработените на Амбасадата.
-Овој проект успешно се спроведува. Во текот на последниот месец, од почетокот на имплементацијата на овој проект, преку нашата Амбасада, со биометриски патни исправи се стекнаа над 400 наши сограѓани, истакна амбасадорот Рамадани.
Базната станица воспоставена во Берн е една од деветте опреми што се распределени во наши дипломатски и конзуларни претставништва во светот, каде има повеќе барања за издавање на нови патни исправи.
-Со цел подобрување на услугите за дијаспората, Министерството за надворешни работи во соработка со Министерството за внатрешни работи, покрај базните, стави во функција дополнителни четири мобилни станици, информираат одф МНР.