Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека Белорусија не се консултирала со него пред да информира за можноста да ја запре испораката на природен руски гас до Европа.
Путин истакна дека таквиот чекор би можел да наштети на односите помеѓу Москва и Минск.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко на 11 ноември се закани дека ќе возврати со одредени мерки на новите санкции од Европска Унија против Минск поради мигрантите на полската граница. Притоа тој алудираше и на запирање на транзитот на гас и други артикли преку Белорусија.
Предупредувањето од Лукашенко накратко ја зголеми цената на гас во Европа, која околу една третина од горивото го добива од Русија преку гасоводот Јамал-Европа, кој поминува низ Белорусија до Полска и Германија. Белорускиот дел од гасоводот Јамал-Европа е во сопственост на руската државна компанија Газпром.
– Изминатиот период со Лукашенко разговарав двапати и ништо не ми спомнал за тоа, дури не ни навести. Секако, теоретски, Лукашенко како претседател на транзитна земја може да нареди да се прекине снабдувањето на Европа со гас, но тоа би значело кршење на договорот за транзит на гас и се надевам оти тоа нема да се случи, истакна Путин, коментирајќи ги заканите на белорускиот претседател.
Русија со години е најблизок сојузник на Белорусија. Москва му помага на Минск во сите области – од испораки на готовина до евтини енергенси и воена помош, но коментарите на Лукашенко се случија во чувствителен момент за рускиот извоз на енергија во Европа.