Европската комисија оцени дека договорот постигнат од 200 земји на Меѓународната конференција за климата во Глазгов (КОП26) го одржува во живот договорот од Париз и му дава шанса на светот да го ограничи затоплувањето на планетата на 1,5 степени Целзиусови.
– Постигнавме напредок во постигнувањето на трите цели што ги зацртавме на почетокот на конференцијата КОП26, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
Таа рече дека поради тоа ЕУ е убедена дека може на човештвото да му понуди безбеден и просперитетен простор на оваа планета.
– Но, нема време за губење, пред нас е уште напорна работа, изјави Фон дер Лејен.
Претставниците на речиси 200 земји на климатската конференција КОП26 во Глазгов усвоија договор за забрзување на борбата против глобалното затоплување, без да се обезбеди дека затоплувањето ќе остане на 1,5 степени Целзиусови и без да се одговори на барањата за помош на сиромашните земји.
Договорот наречен „Глазговски пакт за климата“ беше усвоен по две недели напорни преговори.