Како приоритет во првите 100 дена за градоначалникот на Тетово, Биљал Касами ќе биде раскинувањето на сите договори според кои општината исплаќала хонорари на луѓе меѓу кои има и такви кои не оделе на работа. Според Касами, сите оние кои го оштетиле буџетот, ќе мора да ги вратат парите назад.
„Мое е решение е сите договори да се прекинат, да се побара извештај за реализирање на работата согласно договорот. За тоа ќе имаме посебна прес-конференција на која ќе известиме колку на број се тие договори и колку е оштетен буџетот на општината. За сѐ што е платено, согласно законот ќе побараме тие средства да се вратат, средства кои се земени неправедно од нашите граѓани“, посочи Биљал Касами.
Но, планот на Касами за првите 100 дена се состои од околу 30 точки кои ќе ги реализира. Освен ревидирање на буџетот, Деталниот урбанистички план, градоначалникот на Тетово, како што уверува, ќе го укине и зонското паркирање, а можеби и ќе го затвори претпријатието кое брои околу 60 вработени.
„Ја анализираме состојбата. Секако дека има опции кои ги анализираме. Очекувам во комуникација со директорот на Претпријатието за паркинзи, да понуди решение за актуелната ситуација. Едно од решенијата може да биде и затворање и ликвидација на претпријатието, чии вработени би се префрлиле во други претпријатија“, додава Биљал Касами.
На 27 ноември општина Тетово ќе спроведе акција за чистење на сметот и депониите, а се очекува и да бидат набавени контејнери за селекција на отпадот и одредување нови за складирање на отпадоците.