Уште едно од бројните нереализирани ветувања на премиерот Зоран Заев е пишман-оставката. Како и просечната плата од 500 евра, железните опинци, метлата, влезот на големи светски ИТ фирми во Македонија, клетвата дека нема да се менува името на Република Македонија итн.
Еден месец по дадената оставка Заев наместо заминување од функцијата премиер и претседател на СДСМ, како што јавно вети по поразот на локалните избори, тој од вчера е во нова офанзива за ново парламентарно мнозинство и за нова влада, откако старото мнозинство му се стопи.
Можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата, ќе биде тема на најавената средба за денеска на Заев со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.
Средбата треба да се одржи во Клубот на пратениците во 15:30 часот.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески синоќа на ТВ 24 кажа дека имаат мнозинство во овој момент од 61 пратеник, како и дека Заев ќе има средба со лидерот на Алтернатива и други претставници на опозицијата на која ќе се разговара со зголемување на новото парламентарно мнозинство.
– Тие реговори ќе продолжат и какви места ќе се понудат за тоа е дадено овластување на Заев од ЦО на партијата и понатаму ќе носиме одлуки низ партиските телата, изјави Митрески, нагласувајќи дека има и други пратеници со кои се разговара и кои во минатиот период давале поддршка.
Пратеникот и член на претседателството на Алтернатива Скендер Реџепи, вчера изрази верување дека партијата ќе донесе одлука да биде дел од Владата затоа што, како што кажа, интеграцијата на земјата во ЕУ е приоритет пред уривањето на власта.
Пораки за заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, беа упатени и по вчерашната средба на Заев со пратеникот Кастриот Реџепи во просториите на Владата.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Реџепи изразиле уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот, како и дека биле изнесени очекувања за конечно исполнување на ветувањата од страна на Европската Унија и одржување на првата меѓувладина конференција.
Шефот на дипломатијата и висок функционер во ДУИ, Бујар Османи, вчера изјави дека „новото стабилно мнозинство во Парламентот е неспорно“ и оти тоа ќе биде објавено веќе наредната недела.
– Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните недели. Патот до тоа ново мнозинство е алтернативи, има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање кога ќе биде официјализирано новото мнозинство на заедничката прес-конференција во Скопје со австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт.
И премиерот Заев на состанокот со австрискиот министер Линхарт, порачал дека Владата има стабилно парламентарно мнозинство и очекува негово зголемување.
-Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори, напротив – до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата, рекол Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера нагласи дека барањето за предвремени парламентарни избори и датумот за почеток на преговори со ЕУ не се поврзани, затоа што, како што рече, владата на Заев била делегитимирана и избори треба да има што поскоро.
– Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашање дали Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум. Во Брисел треба се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од кај нашиот источен сосед и иднината која што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на вчерашната посета во општина Гази Баба.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ смета дека брзи избори се единственото решение за излез од кризата.
– Со СДСМ нема да има нова влада, може само да има продлабочување на економската, енергетската и политичката криза. ВМРО-ДПМНЕ затоа смета дека брзи избори би биле единственото решение за излез од таквата криза, а се друго е продлабочување на кризата и уште поголема неизвесност, изјави по синоќешната седница на Извршниот комитет на партијата, пратеникот и член на ИК Драган Ковачки.