Кина би можела да се соочи со повеќе од 630.000 дневни случаи на инфекција со Ковид-19 доколку се откаже од политиката на нулта толеранција со укинување на патните ограничувања и да се приклучи кон западните пристапи, покажува истражување на математичари од Универзитетот во Пекинг.
Во извештајот што Кинескиот центар за контрола и превенција на болести, објавен во „China CDC Weekly“, математичарите соопштуваат дека Кина не може да си дозволи да ги укине ограничувањата за патување без поефикасни вакцини или специфични третмани.
„Нашите резултати јасно предупредија дека, засега, не сме подготвени да прифатиме отворени стратегии засновани на хипотезата на имунитетот на стадо, предизвикана само со вакцинацијата, што ја заговараат одредени западни земји“, се наведува во извештајот.
Математичарите предупредуваат дека нивните проценки се темелат на основни аритметички пресметки и дека се потребни пософистицирани модели за проучување на еволуцијата на пандемијата доколку се укинат ограничувањата за патување.
На пример, доколку Кина би ја усвоила стратегијата кон пандемијата на САД, дневниот број на нови случаи би достигнал најмалку 637.155, се наведува во извештајот. Доколку го применеше истиот пристап како во Велика Британија, дневниот број на случаи ќе достигнеше 275.793, а доколку ја следеше Франција ќе имаше по 454.198 пациенти дневно, се додава во извештајот на математичарите од Универзитетот во Пакинг.
Кина од самиот почеток на пандемијата води здравствена политика на нулта толеранција кон Ковид-19, наведувајќи дека важноста на сузбивањето на локалните случаи, кога ќе се откријат, го надминува нарушувањето предизвикано од напорите за пронаоѓање, изолирање и лекување на заразените. Кина вчера соопшти дека регистрирала 23 нови потврдени случаи на коронавирус, што е помалку во однос на 25 дена порано, соопшти денеска Кинеското Министерство за здравство.