Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево почна новата средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.
Пред почетокот на средбата премиерот Заев не сакаше да коментира ништо, и најави дека по нејзиното одржување ќе следи соопштение. Според тоа како деновиве и денеска се следи оваа средба добива значење како „историска“.
-Не може да кажеме ништо пред да се одржи средбата, рече кусо Заев во одговор на новинарско прашање за коментар за барањата на Алтернатива за влез во Владата.
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши пред одржувањето на средбата посочи дека определба на партиијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза и како што рече, да и се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ.
-Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне, рече Гаши.
Одговарајќи на новинарско прашање колку министерски места очекува неговата партија, претседателот на Алтернатива посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.
-Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата, рече Гаши.
Тој вели дека партијата останува на ставот дека во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.
-Нормално, за такво нешто нема гаранција затоа што секогаш може да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти Собранието. Ние би сакале да се формира влада која ќе работи до 2024 година, ќе ги отвори преговорите за членство, ќе постигне значителен напредок за овој временски рок ние или да бидеме или членка на ЕУ или да дојдеме при крај, рече лидерот на Алтернатива во одговор на прашање дали партијата како еден од условите го поставува и барањето да не се оди на предвремени парламентарни избори.
Во врска со тоа дали за Алтернатива е прифатливо нов мандатар односно премиер да биде Димитар Ковачевски од СДСМ, кој во моментов е заменик-министер за финансии, Гаши кусо рече дека за нив е битно концептуално да се договори концептот, а не тие да одлучуваат за кадровски решенија на другите политички партии.
-Ние преговараме со СДСМ и со другите партнери и многу ни е битно да се договориме концептуално како ќе продолжиме понатаму. Какви одлуки ќе донесат СДСМ и другите партии мислам дека е неодговорно и несовесно ние да поставуваме такво прашање. Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Мислам дека таа работа е на СДСМ, таа е најголема партија и тие треба да одлучат кој е нивен претседател или мандатар, рече Гаши.
Премиерот Заев на средбата со Гаши е придружуван од Ковачевски, а лидерот на Алтернатива од партискиот генерален секретар Беким Сали.
Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.
Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа исто така во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.