За 6,1 отсто се помалку новозаразени со КОВИД-19 од 22 до 28 ноември во однос на претходната недела. Намалување на бројот на заболени имало кај сите возрасни групи, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Најголем дел од дијагностицираните, односно 23,1 проценти, се повозрасни од 60 години, а најмалку (4,3 отсто) се регистрирани кај децата до девет години.

Во наведениот период биле направени 18 781 тест, што е 5,1 отсто помалку во однос на претходната недела, и од нив позитивни биле 2751 од 35 градови. Речиси половина (46,5 отсто) се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово, 389,6 на 100 000 жители. Во текот на минатата недела пријавени биле и 44 реинфекции, што е за 10,2 отсто помалку во однос на претходната недела.

Пријавени биле 98 смртни случаи во 24 градови, додека во претходната недела имало 91 смртен случај во 21 град. Статус оздравени стекнале 2829 кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во 22 града во државава има намалување на инциденцата во последните 14 дена во споредба со претходните 14 дена, а најзабележително е намалувањето во Пробиштип. Во 10 градови, пак, е забележано зголемување на инциденцата во последните 14 дена.

Во статистиката вчера за изминати 24 часа беа евидентирани 460 нови случаи, 543 оздравени пациенти и седум починати во едно деноноќие, како и дополнително пет со датум на смрт од 2 октомври до 27 ноември 2021.

Активни случаи во земјава има 8001, од кои 3797 во главниот град. Трицифрени активни имаат уште 13 градови, а четири од нив со повеќе од 300: Битола (623), Прилеп (423), Велес (326) и Кавадарци (305).

Владата вчера на седница донесе одлука за еднократна финансиска награда од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив.

Мерката која пред неколку дена ја најави и министерот за здравство Венко Филипче е во насока на стимулација на интересот за вакцинација за заштита од КОВИД-19 и за спречување на ширењето на пандемијата.

Во Грција ќе стане задолжителна вакцинација за луѓето над 60 години зашто таа старосна група има многу помалку имунизирани во однос на другите.

Невакцинираните кои до 16 јануари 2022 година нема да закажат термин за вакцинација со прва доза од вакцината, секој месец ќе плаќаат административна казна од 100 евра. Според новата мерка на грчката влада, парите ќе одат во специјален фонд од кој ќе се финансираат болниците.

Обединетите Арапски Емирати, пак, соопштија дека се првата земја во светот што вакцинирала 100 отсто од своето население против коронавирус со најмалку една доза. Околу 90 отсто од населението досега примиле две дози вакцини против вирусот.

Земјата администрирала речиси 22 милиони дози вакцини кај нејзините речиси 10 милиони жители, а веќе дава и трета, засилувачка доза. ОАЕ сега имаат двоцифрени новозаразени на дневно ниво. Минатата недела од последици од КОВИД-19 починале две лица. Земјата од самиот почеток поставила брзо темпо во својата кампања за вакцинација.

Сингапур, со речиси 88 отсто, и Португалија, со речиси 87 отсто, исто така имаат добра стапка на целосна вакцинација.

Меѓутоа, научниците не знаат како омикрон – новиот сој на коронавирусот ќе влијае на текот на пандемијата. Поради голем број мутации, Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше како „многу висок“ глобален ризик.

Според експертите, овој нов вид откриен во Јужна Африка може да биде опасен и за вакцинираните лица. Извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел, смета дека постојните вакцини ќе бидат многу помалку ефикасни против сојот омикрон и предупреди дека може да поминат месеци пред фармацевтските компании да можат да произведат повеќе вакцини што ќе делуваат против новата варијанта на коронавирусот.

Според него, големиот број мутации и брзото ширење во Јужна Африка укажуваат дека антиковид-вакцините кои се досега произведени можеби ќе треба да се модифицираат следната година.