Ние презедовме сè што беше во наша надлежност, а секоја институција е одговорна за своите постапувања. Вака претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска ја коментира одлуката на Уставниот суд, кој ја отфрли нивната иницијатива за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба на коридорите 8 и 10. Пропадната иницијатива, еуфорично ја прокоментира вицепремиерот Артан Груби нарекувајќи ја „вест на годината“ – потег кој им отвора сомнеж на ДКСК.
„Уставниот суд е врв, нема што ние понатака, сè што било во наша надлежност ние сме преземале. Не знаеме кое е образложението за таквата одлука, многу нè интересира какво ќе биде тоа образложение, дотолку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот, уставни членови, и многу нè интересира со кое образложение е отфрлена оваа иницијатива. Дополнително ни предизвика посебен интерес, а и сомнеж, благодарноста искажана од страна на Артан Груби кон уставните судии“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
ДКСК го оспори законот со образложение дека тој ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека Републиката ќе преземе мерки против монополска положба. Антикорупционерите сметаат дека законот има правни празнини, отворен простор за субјективизам, политичко влијание, а самото донесување по скратена постапка е висок фактор ризик за корупција. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, за ТВ Алсат изјави дека идната недела ќе одбразложат зошто одлучиле да не поведат постапка.
-Во изготвената одлука ќе бидат наведени причините за тоа зошто Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10, изјави за „Фокус“ претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.
Уставниот суд вчера донесе одлука во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10.
Инаку, Собранието по скратена постапка донесе закон, со кој е утврдено конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ја изгради делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делница на автопатот Прилеп – Битола.
Но, Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.
Затоа, антикорупционерите побараа да се поништи и стопира неговата примена, бидејќи, според нив, постои висок ризик на корупција, меѓутоа Уставниот суд ја отфрли нивната иницијатива.
Одлуката на Уставен ја искоментира лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пренесува Република.
На меѓународниот ден за борба против КОРУПЦИЈАТА, Кацарска и нејзината „разбојничка дружина“ од Уставниот суд, одбија да го укинат еден од најкоруптивните закони донесен во историјата на Македонија (за фаворизирано градење на коридорите 8 и 10).
Спас од овие некадарници, кои се срам за правната теорија, е да донесеме специјален Закон за уставни судии кој, во преодните и завршни одредби, ќе им го прекине мандатот на овие гревчиња преправени во тоги, кои сакаат да се претставуваат како „истакнати правници“, напиша Апасиев.