Нов студен европски туш, сега од Париз. Додека Артан Груби вели дека имало француски предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Западен Балкан ќе биде тема дури во јуни 2022 година, кога ќе се организира конференција посветена на овој регион, вели ТВ Алфа во својот прилог.
-Западен Балкан не ни е соседство, овој регион е во срцето на Европа, доволно е да се погледне картата на континентот и нашата историја. Економскиот и политичкиот ангажман на Балканот се дел од вистинскиот план за европскиот суверенитет. Не можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западен Балкан во ситуацијата како што е денес, вели Макрон.
Официјална Софија го демантира Артан Груби. Велат во дипломатските кругови нема никаков француски предлог за решение на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Од Министерството за надворешни работи кај источниот сосед официјално соопштуваат дека немаат информации за било каков предлог од официјален Париз. Од бугарскиот премиер пак добивме порака дека тие не отстапуваат од своите барања и дека тие се услов за Македонија да добие датум за старт на преговори.
-Нема промена во бугарската позиција, нема нешто што бугарското општество не го знае, дополнително и вчера на министерскиот совет ја утврдивме позицијата на бугарската Влада која ќе биде претставена на советот за општи работи идната недела во Брисел. Бугарската позиција повеќе пати не само што е декларирана туку и коментирана, таа е извесна и јавна со т.н. 5+1 точки. Тоа е шемата по која можат да продолжат разговорите, вели бугарскиот премиер Стефан Јанев.
Сепак за првиот вицепремиер Артан Груби имало предлог од Франција за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Дури и порача и дека веќе имало датум кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
-Има вистина дека има француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција, вели Груби.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој беше на работна посета во Париз, вели дека зборовите на првиот вицепремиер се само една обична лага.
-Првиот и основен проблем е дека тоа е неточно, а изјавата доаѓа од прв потпретседател на Влада, втор човек на Влада. Второ и да претпоставиме дека тоа е точно, прашањето е дали тоа ќе се случи утре или во понеделник затоа што вторник има два работни дена. Ако се случи утре, ќе одат со авионот што беше изгубен денеска, нели вежбаа нешто, го најдоа таму од Битола навака према Скопје, а ако е понеделник веројатно ќе можат и со редовна линија да одат, вели Николоски.
Позицијата за Македонија уште потешка ја прави и ставот на бугарските граѓани. Според анкета спроведена од Галуп, дури 71 проценти од Бугарите сметаат дека за Македонија да добие зелено светло за старт на преговорите, најпрво мора да го реши спорот со Бугарија.