Република Македонија доживува клучен момент во својата историја, а од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели ќе зависи иднината на државата, порача денеска новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација Сергер Баздникин на предавањето на акредитивните писма на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
– Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамки на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати однадвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на ООН, а не на политичката конјунктура, нагласи амбасадорот Бездникин.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на предавањето на акредитивните писма од страна на Баздникин, претседателот Иванов истакна дека македонско – руските односи, кои имаат долга и богата традиција на искрено пријателство и меѓусебно разбирање, и натаму успешно ќе се развиваат и интензивираат во сите сфери од заемен интерес.
– Национален интерес на Република Македонија се евроатлантските интеграции, но едновремено придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка. Оттука, очекуваме натамошно интензивирање на соработката, особено во делот на енергетиката, земјоделството, градежништвото и туризмот, како и инвестициските активности, рече претседателот Иванов.
Рускиот амбасадор Баздникин подвлече дека повеќевековните историски и духовни врски, кои тесно ги поврзуваат народите на двете земји, станале цврста основа за градење на руско-македонската соработка, особено во сферите на трговско-економските и инвестициските врски како и во областа на културата, образованието, науката и спортот.
– Цврсто сум убеден дека сестраното продлабочување на партнерството меѓу Русија и Македонија целосно им одговара на исконските интереси на народите на нашите две земји, а и на цела Европа. Руската Федерација се залага за унапредување на соработката со Република Македонија врз принципите на рамноправност и заемна полза, рече амбасадорот Баздникин.
Претседателот денеска ги прими и акредитивните писма од страна на Рут Карис Стјуарт, новоименуван амбасадор на Австралија во Република Македонија, со седиште во Белград, при што нагласи дека дведецениските дипломатски односи и пријателство со Австралија се од големо значење за нас и го потенцираше интересот за динамизирање на политички дијалог, за интензивирање на економската соработка и унапредување на трговската размена.
-Искрено ме радува што Австралија има максимално позитивен однос кон македонската заедница, која е цврста гаранција за нашите пријателски односи. Како претседател на Република Македонија, горд сум што во Австралија се прифаќа македонскиот етнички и културен придонес. Сврзувајќи го најдоброто од двете култури, македонската заедница е мостот што ги поврзува двете држави и општества, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател изрази и благодарност за континуираната, несебична и безрезервна поддршка што Австралија ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на нашето евроатлантско интегрирање, преку јасно искажана определба, за што поскоро членство на нашата земја во НАТО.
Австралиската амбасадорка Стјуарт потенцираше дека двете земји имаат топли и пријателски врски, додавајќи дека повеќе од еден век по првата македонска населба во Австралија, заедницата со околу 100.000 Австралијци со македонско потекло напредува и е просперитетна.
– Македонско-австралиската
Австралиската амбасадорка подвлече дека нејзината земја ги поздравува чекорите што се преземаат за решавање на долгогодишниот спор со името со Грција.
– Ние признаваме дека има различни ставови по ова прашање – тоа е нормално во секоја демократија, рече амбасадорката Стјуарт во својот говор.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.