Комисијата за енергетика на бугарскиот парламент ќе предложи од утре, 16-ти декември до 31-в март наредната година, цената на струјата и парното да биде замрзната и да нема нејзино поскапување за граѓаните.

Претходно, пратениците го прифатија предлогот на ГЕРБ, според кој цените за потрошувачите од домаќинствата треба да останат на ниво од 1-ви јануари 2021-ва година.

Нацртот на новата одлука ќе биде доставен на гласање на утрешната пленарна седница на парламентот.

Претходно, во текот на денот на темата се огласи и вицепремиерката и министерка за економија Корнелија Нинова, која за бугарската национална телевизија изјави дека голем број европски земји воведуваат такво замрзнување на цените за да ги заштитат своите граѓани.

Ова е веќе европска практика, во Романија е воведен плафон на цени, во Унгарија, рече Нинова, најавувајќи дека грижата за луѓето е на прво место.

Во меѓувреме, во нашата држава се уште не е утврдена новата цена на струјата, која треба да стапи на сила по Нова година.